Утрински Весник
Македонија

Почнува седмото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм

20250625161533 big 730x400 38.webp.webp

Од денеска до 28 јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи седмото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Тридневната ревија ќе понуди богата програма од најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.

Од Друштвото на филмските работници на Македонија информираат дека иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани во македонската културна сцена.


-Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува својата мисија – да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите, како и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата. „Златна Рамка“, покрај тоа што е филмска ревија, претставува и платформа за професионален дијалог, каде филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработки, посочуваат од ДФРМ.

Особено значајно е што годинешното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија, здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес.

„Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска единица, рамката, и на симболичен начин ги обединува творештвото, критиката, традицијата и современоста во македонскиот филм. Со секое ново издание, ревијата ја афирмира својата важност како двигател на културен дијалог што ги надминува жанровските, лингвистичките и културните граници.

Во рамки на тридневната програма, присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција.

На 26 јуни со почеток во 18 часот ќе бидат прикажани пет кратки филмови. На програмата се остварувања на режисерите: Елеонора Венинова, Халим Лута, Надежда Панов, Трифун Ситниковски и Васил Христов.

На 27 јуни со почеток во 20:30 часот ќе биде прикажан долгометражниот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во продукција на „Трис Филмс“.

На 28 јуни со почеток во 20:00 часот ќе биде прикажан долгометражниот филм „Најтешкото нешто“ во режија на Сердар Акар, во продукција на „Сектор филм“.

Како дел од документарната програма – на 27 јуни со почеток во 19:00 часот ќе биде прикажан „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, во продукција на „Скопје Филм Студио“. Додека, пак, на 28 јуни во 18:00 часот ќе биде проикажан „Богатство“ во режија на Арсим Фазлија на „Сејви Продукција“.

Дополнително, на 28 јуни, како дел од социјалната програма ќе се одржи и специјална проекција на „Најтешкото нешто“ во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ за публиката која не може да го посети киното „Фросина“.

Можете да прочитате

Временска најава: Утре пороен дожд и грмежи

Потрошувачката кошница, сепак, ќе биде за четиричлено, а не за тричлено семејство

Кузеска: Сања Божиновска создаде хаос во енергетиката кој го плаќаат граѓаните