
Во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, при што пред судот се појави Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски.
Сведокот изнесе шокантни детали за работниот ангажман на неговиот син, укажувајќи дека Александар бил назначен за управител на фирмата „МММ кафе“ без негово знаење и без да има здравствено осигурување.
„Ме изненади и го прашав дали знае кои се одговорностите на управител, ми рече – не, тоа си го прават Деко и Михајло. Ми кажа дека Деко го замолил зашто „немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил“, рече Наско Карадаковски пред судот, упатувајќи на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко.
Таткото посочи дека неговиот син никогаш не работел во дискотеката „Пулс“. Наместо тоа, Александар бил вработен во кафулето „Класик“ во центарот на Кочани, а во дискотеката бил повикан единствено да помогне при градежни работи и реновирање непосредно пред пожарот кој однесе животи.
Одбраната на обвинетите веднаш реагираше на сведочењето, барајќи судот да не го прифати исказот. Тие образложија дека сведочењето е контрадикторно и дека поставувањето прашања за односот меѓу таткото и синот само ја одолговлекува судската постапка, без да придонесе за расветлување на причините за трагедијата.

