Утрински Весник
Македонија

Почина момчето кое беше киднапирано и принудено да се самозапали

Uzp8q Lenta Policija.jpg

Почина 24-годишникот кој во четвртокот бил киднапиран во скопската населба Ченто и принуден да се самозапали. Во текот на денот извршена е обдукција која ќе треба да им даде појасна слика на истражителите. Телото е предадено на семејството за да може да го погреба.

24-годишниот Биљал бил најден од страна на полициски службеник на Меѓународниот аеродром. Претходно, пожарникарите забележале пожар во индустриската зона Ќојлија, а Биљал влегол на скопскиот аеродром со повреди од изгореници.

На службеникот му кажал дека бил насилно пренесен со возило од населбата Ченто до Ќојлија. Според пријавата, како што објави тогаш МВР, неколку лица со закана го натерале да се запали самиот и избегале. Тој успеал самиот да го изгасне огнот од кој бил зафатен и помошен објект во близина.

Негов близок познаник се согласи да говори пред камерата на Сител, но побара неговиот идентитет да остане заштитен. Според неговата верзија, на Биљал му должеле пари, па го намамиле во угостителски објект кажувајќи му дека се тука за да му ги вратат парите.

– Некој му должел пари, не знам од каде што. Меѓутоа, го викнале ко бајаги да му вратат пари. Не се работи за мала сума, туку за голема сума. Го киднапирале, како што слушнавме во Ченто. Го однеле во Ќојлија и го наместиле ко бајаги спремал некој пожар, вели неговиот познаник.

Засега нема информации од извршената обдукција, но неговите познаници тврдат дека бил тепан и држен во кафез.

МВР се уште работи на случајот, но оттаму не одговарија на прашањата на Сител, дали потврдиле дека навистина е извршено киднапирање, дали навистина Биљал е принуден да се самозапали и дали веќе имаат осомничени за случајот.

– Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, велат од МВР, појаснувајќи дека се уште се преземаат мерки за случајот.

До Јавното обвинителство се уште не е испратена кривична пријава. МВР го известило Обвинителството, но случајот не бил до крај расчистен.

Ова е само едно од низата убиства кои во изминатиот период се случуваат во Скопје. Но досега тоа главно беа пукотници со огнено оружје.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје