Поранешниот италијански фудбалер и тренер Џанлука Вијали почина на 58. годишна возраст. Вијали почина од рак на панкреасот.
Во текот на својата кариера играше за Кремонезе, Сампдорија, Јувентус и Челзи, од 1980 до 1999 година.
Во последната играчка сезона ја започна и својата тренерска кариера како играч-менаџер во Челзи, а потоа една сезона беше менаџер на Ватфорд.
Последните години тој беше неформален член на стручниот штаб на италијанската репрезентација, а состојбата му се влоши на почетокот на месецот кога беше примен во болница.
Шампион на Италија беше со Сампдорија и Јувентус со „старата дама“, ја освои и Лигата на шампионите, додека со Челзи ги освои англиските купови.
Брилијантниот напаѓач постигна 259 гола на 673 натпревари за клубовите за кои настапуваше. Тој се смета за еден од најдобрите и најконстантни италијански стрелци во својата генерација.
Беше комплетен напаѓач, динамичен, решителен, универзален, способен да игра на сите офанзивни позиции.
Вијали одигра 59 натпревари и постигна 16 гола за италијанската репрезентација, со која беше трет на Светското првенство во 1990 година.