Утрински Весник
Македонија

По вторпат пропадна судењето за пеплосаната болница во Тетово – овој пат не дојде адвокат, судењето на чекор до пресуда

Во тетовската модуларна болница, која изгоре, вработени ја спроведувале струјата, и тоа без елаборат, покажало вештачењето

Втор неуспешен обид да се дадат завршни зборови за случајот поврзан со пожарот во модуларната болница во Тетово. Ако пред 15 дена рочиштето се одложи поради отсуство на тогашниот директор на модуларната болница во Тетово, Флорим Бесими, сега се одложи бидејќи на рочиште не се појави адвокатот на економскиот директор Артан Етеми.

dobivaj vesti na viber

Следното рочиште е закажано за крајот на мај, кога по третпат, ќе има обид Обвинителството да даде завршни зборови. Судењето е пред носење пресуда.

Ексдиректорот на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми, не се гонат поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. Докторот Бобан Вучевски се суди бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането. Ова е суштината на обвинетието за пожарот по кое се судат директорите и докторите, чие судење двапати се одлага. Првиот пат, поради отсуство на обвинетите, а вториот, бидејќи обвинетите дојдоа без адвокат.

Обвинетите Ф.Б. (Флорин Бесими) А. Е. (Артан Етеми) и обвинетото правно лице (Општа болница Тетово), не постапиле согласно мерките и активностите кои произлегуваат од договорот за заем склучен помеѓу Република С.Македонија и Меѓународна банка за обнова и развој – Светска Банка според кој, иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на Модуларната болница во Тетово, па се до денот на настанување на пожарот во Модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар – противпожарни апарати, па како резултат на нивното непостапување, на ден 8.09.2021 година околу 21:00 часот и како последица од настанатата куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел од дефибрилаторот со кој се вршела реанимација на пациент Марија Димовска, во соба број 3, кревет број 1, од прегревање на кабелот настанало палење на приклучната кутија од продолжниот кабел на синтетичките материјали од кои се изработени втикнувачите, полначот за мобилен телефон и куќиштето од продолжниот кабел, па по воочената појава на пламен, настанало бурно ширење на пожарните дејствија од соба број 3 кон соба број 2 и потоа по целиот објект, простирајќи се по кровните панели спрема ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар“, стои во обвинението.

Пожарот се гаснел со ќебе и вода. За животот на пациентите се бореле двајца доктори, три медицински сестри и болничарка. Сите барале противпожарни апарати, но не успеале да ги најдат.

„….Но сите во обидот да го изгаснат огнот не успеале, по што се развиле пожарни дејствија и пожарот за краток период се проширил по целиот објект, па како резултат на настанатиот пожар пациентите болни од Covid-19 и членовите на нивните семејства, погоре наведени, како придружни лица починале“, се додава во обвинението.

За докторот Вучевски, има само еден пасус во кој се бара одговроност од него. Но не за пожарот, причините, ниту последиците од немање на противпожарни апарати.

„Обвинетиот Б. В. (Бобан Вучевски), како одговорно лице за време на епидемија не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање и спречување и не постапил согласно наредбата донесена од страна на медицинскиот директор при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, за забрана на посета на неовластени лица во болничките простории, поради појава на сезонски грип и глобални случувања со Covid-19 и дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од Covid-19, како придружници, во Модуларната болница“, стои во обвинението.

Директорите се гонат за две кривични дела и тоа за тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека докторот само за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.

Застапник на обвинението е тетовскиот обвинител Бесир Алиу.

Можете да прочитате

„Срамно, Јаневска направи хаос со образовните асистенти на сметка на најранливите ученици“, велат од СДСМ

ДУИ: Невработувањето на 155 медицински сестри во тетовската клиничка болница е срамен

ВМРО-ДПМНЕ: „Шукова прифати да ја игра улогата на слуга на Заев и на Филипче и да се движи кон сигурен пораз“