За Украина, испраќањето на западните тенкови беше само почеток. По неколкумесечните расправии меѓу западните сојузници, американските и германските тенкови, „Абрамс“ и „Леопард“, треба да се упатат на бојното поле, а украинските воени претставници го насочуваат своето внимание кон следниот чекор во напорите да ги одбијат руските напаѓачи – испораката на модерни борбени авиони.
Разговорите со десетина западни воени функционери и дипломати потврдуваат дека внатрешната дискусија за набавка на борбени авиони на Украина веќе е во тек, а ја промовираат украинските власти со поддршка на балтичките земји.
„Следниот природен чекор би биле борбените авиони“, изјави за „Политико“ дипломат од северноевропска земја.
Дебатата, веројатно, ќе се покаже уште поспорна од онаа за тенковите.
Вашингтон му порачал на Киев дека испораката на авиони во моментот е невозможна, рече цитираниот дипломат, додавајќи: „Постои црвена линија за тоа, во минатото имавме црвена линија за ‘Химарс’, но тоа се промени. Потоа беа тенковите, па и тоа се смени“.
Високиот претставник на една европска сила ја нагласи и брзината со која ескалира испораката на западното оружје:
„Авионите денес се сосема незамисливи, но дискусијата за тоа може да биде актуелна за две-три недели“.
Министрите за одбрана на сојузниците на Украина треба да одржат нов самит во февруари во американската воена база „Рамштајн“ во југозападна Германија, каде што се очекува во фокусот да бидат авијацијата и воздушната поддршка.
Холандскиот министер за надворешни работи, Вопке Хоекстра, минатата недела пред холандскиот парламент изјави дека неговиот кабинет ќе ја разгледа можноста за испраќање борбени авиони „Ф-16“ доколку Киев ги побара: „Ние сме со отворен ум, нема табуа“.
Тоа беше по неодамнешните коментари на словачкиот министер за надворешни работи, Растислав Качер, кој за „Интерфакс Украина“ изјави дека неговата влада е подготвена да му ги предаде советските ловци „миг-29“ на Киев и дека разговарал со партнерите од НАТО и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа како да го спроведе.
Другите високи политичари се значително помалку наклонети кон оваа идеја. Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испорака на борбени авиони во средата наведувајќи ја потребата да се спречи понатамошна воена ескалација: „Нема да има испорака на борбени авиони во Украина. Дури и американскиот претседател претходно јасно го кажа тоа“.
Европските сојузници на Украина предвидуваат дека конфликтот би можел да трае уште три до пет години или подолго.
„Многу земји на Западот мислеа дека ќе имаше силна руска реакција, вклучително и нуклеарна, доколку на Украина ѝ го испорачавме целиот арсенал што беше побаран во првата фаза од војната. Тоа би можело да се нарече процес на постепенa адаптација на Путин“, изјави дипломатот за „Политико“.
Стратегијата е бавен, но постојан нагорен тренд во поддршката на Западот, од противтенковски оружја Javelin и преносливи системи за воздушна одбрана, како што се Stingers, до HIMARS, а од неодамна и ракетите земја-воздух Patriot, тенкови и оклопни возила. Испораката на авионите затоа е само прашање на време, предвиде истиот дипломат.
Британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли, се состана со високи американски претставници во Вашингтон минатата недела за да разговараат за идната воена помош за Украина. Тој одби да каже дали разговорите вклучувале испраќање борбени авиони, касетни бомби или проектили со долг дострел.
„Нема да шпекулирам каква би била природата на идната воена поддршка. Нашата поддршка еволуира како што еволуира борбата и како што еволуираа барањата на Украинците“, рече Клеверли.
Како и да е, како островска држава, Велика Британија ќе биде повеќе неволна да испрати авиони во Украина отколку кога станува збор за тенкови и за друга воена опрема за копнено војување, според британските власти. Исто така, постои загриженост дека јавната поддршка може да ослаби во услови на понатамошна ескалација.
Европските дипломати се согласуваат дека Западот првин ќе сака да ги исцрпи сите други опции за воздушна поддршка, вклучително и повеќе нападни беспилотни летала и евентуално ракети со долг дострел. Но, официјалните лица исто така ги посочија неодамнешните одлуки на САД како доказ дека Вашингтон се подготвува за дебатата за авионите. Во јули Претставничкиот дом на САД одобри 100 милиони долари за обука на украински пилоти за управување со американски борбени авиони, а во октомври Украина објави дека група од неколку десетици пилоти е избрана за обука на западни борбени авиони.
Во август, Колин Кал, американскиот потсекретар за одбранбена политика, им рече на новинарите дека „не е незамисливо западните авиони да бидат испратени во Украина во одреден момент“.
Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, рече дека приоритет на Киев по тенковите е да обезбеди авиони и дека изговорите на сојузниците не се непремостливи. Тој верува дека Западот сега е убеден во потребата внимателно, но доследно да ја зголемува софистицираноста на своите воени донации.