Утрински Весник
Македонија

По претставка на родителите на загинатите деца во Кочани – Апасиев закажа Анкетна комисија на 9 декември

Apasiev.webp.webp

Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, проф. д-р Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција соопшти дека закажува редовна седница по поднесената претставка од Здружението „16 Март” – здружението на родителите на загинатите деца од Кочани. Седницата ќе се одржи на 9 декември 2025 година, со цел да не се преклопи со судските рочишта и поради симболичната поврзаност со 10 декември – Светскиот ден на човековите слободи и права.
На седницата се поканети сите членови и заменици на Комисијата, претседателот и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата, како и подносителите на претставката, кои ќе имаат право на обраќање.

Апасиев нагласи дека ова не е ниту надзорна, ниту јавна расправа, туку редовна седница што Комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани – пракса која и претходно постоела во парламентот. Тој потсети дека постоеле три неуспешни обиди оваа точка да се стави на дневен ред, поради што е поведена и управна постапка против претседателот на Собранието.

Во однос на паралелните иницијативи за анкетни комисии од власта и опозицијата, Апасиев објасни дека тие се ад хок тела со ограничен рок и квази-истражни функции, додека постојаната Комисија има континуитет и редовни обврски.

Во делот на новинарските прашања, тој истакна дека клучната цел е конечно родителите да добијат институционална можност да се обратат во Собранието – нешто што со месеци им било блокирано.
Очекувањата од седницата се да се отвори плодна дискусија и да се понудат заклучоци со конкретни законски измени, кои ќе адресираат системски пропусти и ќе лоцираат политичка одговорност.

Правната постапка продолжува во судот и парламентот во неа не може да се меша, но има обврска да ја утврди политичката страна на одговорноста и институционалните пропусти што доведоа до трагедијата во Кочани.

Можете да прочитате

Тестирана подготвеноста на противпожарните авиони во Македонија

Агенцијата за лични податоци нема гаранции дека снимките од „Сејф Сити“ нема да се злоупотребат

Алармантен раст на рак на грлото на матката – Најмлада пациентка на 18 години, бројот на нови случаи речиси двојно зголемен