По Бујар Османи од ДУИ, потребните 10.000 потписи од граѓаните ги собраа и Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција. Овие тројца кандидати заедно со актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова, кои се поддржани од СДСМ односно ВМРО ДПМНЕ и ќе имаат поддршка од 30 пратеници се засега сигурните учесници во претседателската трка кој ќе биде во две етапи, најпрво на 24 апрли првиот круг, а потоа на 8 мај и вториот. Партинските конвенции на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ на кои треба да бидат потврдени кандидатурите на Пендаеровски и Силјановска – Давкова се закажани за викендов, иако по оваа формалност, партиите најавија дека за своите кандидати ќе ги соберат и потребните 10.000 граѓански потписи. Постапката за собирање на потписи ќе трае до 8 март, а на добар пат се дотогаш да ја исполнат целта и да се најдат во трката Билјана Ванковска од Левица која има собрано 7.876 потписи и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 6.676 потписи. Преостанатите шестмина кандидати (на листата беа вкупно 11) кои се вклучија во оваа трка по гласови за да станата претседателски кандидати засега се далеку од потребната граѓанска поддршка. Постапката за собирање потписи, ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот до 8 март на полноќ. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.