Низ Европа започна уште една пеколна недела со температури над 40 степени целзиусови. Европската вселенска агенција (ESA) процени дека неделата во која влеговме може да биде најтоплата недела во Европа откако се направени мерењата.
Вчера Италија издаде црвен метео аларм за 16 градови поради екстремно високите температури, додека метеоролозите предупредуваат дека температурите ќе достигнат рекордни нивоа низ јужна Европа во наредните денови.
На шпанскиот остров Ла Парма, кој припаѓа на Канарските острови, во меѓувреме, најмалку 4.000 луѓе се евакуирани поради шумски пожар, предизвикан од високите температури, кој се уште не е ставен под контрола, соопштија властите.
Шпанија, Италија и Грција веќе неколку дена бележат многу високи температури, што предизвикуваат штети во земјоделството, објави Ројтерс.
Новиот антициклон „Харон“, кој од неделата дојде во јужна Европа од северна Африка, на почетокот на следната недела би можел да донесе температури над 45 степени Целзиусови во некои делови на Италија, така што топлотните рекорди ќе бидат срушени.
Пожар избувнал и на меѓународниот аеродром „Винченцо Белини“ во градот Катанија на Сицилија, соопшти компанијата што стопанисува со тој аеродром.
Минатата недела топлотниот бран го доби името „Кербер“, по лик од грчката митологија и донесе пеколна атмосфера во туристичките центри низ Европа. Грчкиот Акропол се затвораше, а властите насекаде предупредуваа на потенцијалните катастрофални ефекти од екстремната топлина.
Оваа недела топлотниот бран што го напаѓа континентот го носи името „Харон“, по гемиџијата од адот, подземјето во грчката митологија, пренесува „Јутарњи лист“.
Во кинескиот град Санбао во неделата беа измерени 52,2 степени Целзиусови, а американската Долина на смртта во Калифорнија, позната како една од најжешките точки на планетата, забележа 51,7 степени.
Во понеделникот Светската метеоролошка организација објави дека планетата ги забележала најтоплите денови во историјата на мерењата на почетокот на јули.
Неодамна објавената студија во списанието „Nature Medicine“ вели дека минатата година повеќе од 60.000 луѓе починале како резултат на топлотен удар низ Европа, а највисоките стапки на смртност се забележани во Италија, Грција, Шпанија и Португалија.