Руските власти соопштија дека наводна снимка од германска воена дискусија покажува оти вооружените сили на Германија разговарале за планови за напад на руска територија, пренесува Гардијан.
Руските медиуми во петокот објавија 38-минутна снимка од разговор во кој наводно се слушаат германски службеници како разговараат за оружје за Украина и потенцијален удар од Киев на Кримскиот мост, што ги натера властите во Москва да бараат објаснување.
Во телефонскиот разговор, четворица офицери, вклучувајќи го и шефот на германските воздухопловни сили, Инго Герхарц, се подготвуваат за дискусија со министерот за одбрана Борис Писториус околу можното распоредување на ракетите Таурус во Украина, доаѓајќи до заклучок дека брза испорака и употреба на проектили во блиска иднина би биле возможни само доколку бидат вклучени германски војници.
„Тука треба да откриеме дали Бундесверот го прави тоа самоиницијативно. Тогаш се поставува прашањето: колку е контролиран Бундесверот и колку Шолц ја контролира ситуацијата? Или тоа е дел од политиката на германската влада? И двете сценарија се многу лоши. И двете уште еднаш го нагласуваат директното вклучување на земјите од колективниот запад во конфликтот околу Украина“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека протечените дискусии покажале оти апетитот за војна во Европа „останува многу висок“ и дека целта била да се обезбеди стратешки пораз на Русија на бојното поле.
Германија во саботата случајот го нарече очигледен чин на прислушување и најави истрага.
Амбасадорот на Германија во Москва денеска бил повикан во руското Министерство за надворешни работи со цел да ја објасни „протечената дискусија“ меѓу високиот воен персонал за испраќање оружје во Украина.
Германскиот министер за одбрана, Писториус, пак, ја обвини Русија дека води „информативна војна“ против Германија, со пресретнување, а потоа и објавување на чувствителна средба меѓу високите воени офицери на германската војска – Бундесверот.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев искоментира дека „Германија планира војна со Русија“.
Писториус ги отфрли реакциите како „целосно апсурдни“.
Минатата недела германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испраќање ракети Таурус бидејќи рече дека операцијата ќе вклучи испраќање германски војници во Украина.
Додека германската влада се бори да се справи со последиците од протекувањето, со прашања поставени за безбедноста на нејзините внатрешни комуникации и шпекулации за кои други дискусии можела да слуша Русија, експертите за одбранбена политика велат дека пресретнатата комуникација била јасно наменета за ја поткопа германската стратегија за Украина.