За краток период пет милијардери решија да се откажат од руското државјанство поради војната во Украина.
Милијардерот банкар и претприемач Олег Тинков во понеделникот изјави дека се откажал од руското државјанство поради конфликтот во Украина, кој претходно го критикуваше.
„ Донесов одлука да престанам да бидам руски државјанин. Не можам и нема да бидам поврзан со фашистичка земја, која започна војна со својот мирен сосед и секојдневно убива невини луѓе“ – рече Тинков.
Тој додаде дека откажувањето од руското државјанство е начин да се ослабне режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
– Се надевам дека ќе ме следат уште поистакнати руски бизнисмени, така што ќе ослабне економијата на режимот на Путин и на крајот да доведе до негов пораз – напиша тој на Инстаграм.
Тој сподели слика од документ со кој се потврдува „престанокот“ на неговото руско државјанство.
– Ја мразам Путиновата Русија, но ги сакам сите Руси кои очигледно се против оваа луда војна! – рече Тинков.
Милијардерот е еден од најпознатите руски тајкуни кој сам се збогатил и ја основал онлајн банката „Тинкоф“, пишува „Москва Тајмс“. Банката е еден од најголемите кредитори во Русија, зад државните гиганти. „Тинкоф“ денес има околу 20 милиони клиенти.
Тинков силно ја критикуваше руската офанзива во Украина, опишувајќи ја како „луда војна“ и го повика Западот да стави крај на „масакрот“. Тој исто така беше цел на британските санкции наметнати веднаш по почетокот на конфликтот кон крајот на февруари.
Тој претходно беше уапсен во Лондон во 2020 година под обвинение за затајување данок во САД. Подоцна беше ослободен со кауција и се лекуваше од леукемија во Лондон.
Тој се повлече од функцијата извршен директор на „Тинкоф“ во 2020 година и банката се огради од неговите коментари против руската инвазија.
Тинков е само еден од низата милијардери кои се решиле на ваков драстичен чекор.