Средба Петровска – Џоана: Северна Македонија и сојузниците во НАТО се обединети и јасни во целта – безбедност на територијата на НАТО и осуда на руската агресија врз Украина.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска во седиштето на НАТО во Брисел се сретна со Мирчеа Џоана, заменик-генерален секретар на алијансата.
На средбата Петровска и Џоана заклучија дека земјите членки се обединети и посветени на безбедноста на алијансата како никогаш досега и дека тоа е јасно видливо преку чекорите што ги презема НАТО во зацврстување на процесите за трансформација.
Во контекст на трансформација на македонската одбрана министерката Петровска истакна дека Северна Македонија од самиот почеток јасно и недвосмислено се насочи кон исполнување на доделените цели за способности преку соодветно одделување на финансиските средства. Напомена дека оваа година Министерството за одбрана одвојува повеќе од 30 отсто за модернизација, што ја искажува и политичката волја за исполнување на нашите обврски.
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Џоана, порача дека ставот на Северна Македонија е ист како и ставот на сите сојузници и изрази благодарност за улогата на земјата во зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО.
Во седиштето на НАТО министерката се сретна и со претседавачот на Воениот комитет на алијансата, адмиралот Роберт Бауер, со кого разговараше за придонесот на земјата во мултинационалните сили во рамките на зајакнатото истурено присуство во источното крило на НАТО. Дополнително, се запозна и со процесите на воената трансформација на Северноатлантскиот сојуз.