
Во гостување во „Тема на денот“ на Телевизија Сител пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска зборуваше за работата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, како и за следните чекори што ова тело треба да ги преземе по однос на индициите дека незаконски биле следени политичари, новинари и јавни личности.
Петровска која е и заменик претседавач на Комисијата, истакна дека прв приоритет треба да биде целосната декласификација на документите со цел јавноста да ја има целосната слика, додавајќи дека тоа можеби нема да им одговара на некои поединци од власта.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставени. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се претстават како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат. Ние велиме , сакаме сè да биде објавено за граѓаните да добијат одговори. Декласификацијата ќе даде одговор на сите прашања и можеби ќе ги демантира сомнежите”, рече Петровска.
Таа додаде дека токму таквото барање на СДСМ за целосна декласификација на документите предизвикала нервоза кај власта, која, според неа, се обидела да се претстави како жртва и паднала во сопствената замка.
Петровска посочи и дека АНБ била клучен дел од интеграцијата на Македонија во НАТО.
„АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку е столб на државата. И покрај недостатоците, таа институција придонесе Северна Македонија да стане членка на НАТО. Реформите мора да продолжат, но на вистински начин, со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации”, истакна Петровска.