Утрински Весник
Македонија

Петровска: Силно го валоризираме трудот на вработените во одбраната, формирана и Комисија која ќе ја следи примената на законското решение и Колективниот договор

Slika 6.jpeg

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска на брифинг со претставниците на медиумите детално ги образложи одредбите од новиот Закон за вработените во одбраната, за кој рече претставува силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. Информираше дека во Министерството е формирана Комисија составена од членови на Синдикатот и на Министерството која ќе ја следи примената на новиот Закон и на донесениот Колективен договор.

„Овој закон значи силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. За прв пат 32 години по осамостојувањето, вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение, статус кој го заслужија со нивната работа, со нивната професионалност и нивната посветеност која во голема мера овозможи нашата држава да стане членка и целосно да се интегрира во Алијансата”, рече министерката во изјава по брифингот.

Петровска истакна дека ова е сеопфатен закон кој предвидува унапредувања според мерит системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.

Додаде дека Статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80% од десетте најповолни години од пензискиот стаж. Предвидена е и можност за вработување без јавен оглас на лица со попреченост, како и можност за вработување без јавен оглас и на член на семејството на починат вработен во Министерството и припадник на безбедносните сили.

„Сите овие поволности се повеќе од заслужени, особено ако имаме предвид дека за работните места во Министерството предвидени се повисоки критериуми во однос на работните позиции кај останатите административни службеници”, рече министерката.

Со донесувањето на овој Закон кој се однесува на вработените и министерството, и со претходниот Закон за служба во Армијата за припадниците на Армијата, заклучи министерката, покажавме дека паралелно со интензивните вложувања во модернизацијата и опремувањето на Армијата, внимаваме и вложуваме во секој поединец кој се вложува себеси за безбедноста и одбраната на државата.

Претседателот на репрезентативниот синдикат, Независниот синдикат во одбраната, Ванчо Исајов, се заблагодари за донесувањето на Законот и на Колективниот договор, кои, рече, ќе го подобрат социјалниот статус на вработените во одбраната.

„Со овие два клучни документи се донесени и решенија за многу битни прашања за вработените во Министерството за одбрана и во Армијата”, рече Исајов. Упати порака да не се шират шпекулации за нивната имплементација и порача дека иако предвид треба да се земе изборниот законик, одредбите од Законот за вработените во одбраната и Колективниот договор се во сила и дел од овие одредби одложено ќе се применуваат.

Законот за вработените во одбраната беше донесен на 28 февруари, со 97 гласа „за”, по неколкумесечна блокада во Собранието.

Можете да прочитате

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Раде Штекли нуди плата од 3.000 евра – еве што се бара