Утрински Весник
Македонија

Петровска: Никаде не се вели дека мора да биде целата влада предложена од мандатарот

Img 8164

„Лично, мојот став е дека можеби некогаш се потребни коалиции кои навистина ќе ги отсликаат демократските вредности и капацитети на политичките партии“ – вели Славјанка Петровска за тоа дали за СДСМ е подобро да оди на заеднички листи со ДУИ и Алијанса за Албанците или само со своите традиционални коалициски партнери

Внатрепартиските дискусии во однос на широка предизборна коалиција на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците сè уште траат, но сметам дека треба да се обединат капацитетите на политичките партии со европска визија, вели претседавачката на Централниот одбор на СДСМ и министерка за одбрана, Славјанка Петровска, во интервју за „360 степени“ емитувано на јавниот сервис.

„Веќе подолго време во јавноста се зборува за коалиција која ќе има европски предзнак или која ќе понуди конкретни решенија за европска Македонија. Се разбира, дискусиите сè уште траат и во СДСМ и во останатите политички партии кои потенцијално би се приклучиле на оваа коалиција. Мислам дека е прашање кое треба да се разговара во рамките на органите на политичките партии. Лично мојот став е дека можеби некогаш се потребни коалиции кои навистина ќе ги отсликаат демократските вредности и капацитети на политичките партии“, вели таа, убедена дека таква коалиција ќе освои повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа во моментов ја извршува функцијата министерка за одбрана, на која треба да остане и во техничката влада. Петровска изрази подготвеност да биде номинирана за, како што вели – „која било позиција, вклучително и на листата за пратеници“ на претстојните парламентарни избори.

Во интервјуто, претседавачката со ЦО на СДСМ одговараше и на прашања поврзани со формирањето техничка влада. Колку е правно можно, но и политички логично мандатарот Талат Џафери да предложи влада без кандидати за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, позиции кои според Законот за Влада ѝ припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ – беше едно од прашањата.

„Никаде не се вели дека мора да биде целата влада предложена од мандатарот. Е сега… би било првпат. Досега секогаш владите биле предлагани во целиот свој состав. Би било првпат, ако тоа се случи, меѓутоа да имаме предвид зошто оваа влада се формира. Оваа влада се формира согласно измените на Законот за Влада… за да се овозможи учество на опозицијата, без оглед на тоа која партија е во опозиција, во подготовката и реализирањето на предвремени или редовни парламентарни избори“, изјави Петровска.

За неа би било нелогично ВМРО-ДПМНЕ да не им даде доверба на своите министри.

„Сега имаме ситуација кога од опозицијата прво не сакаа, сега сакаат да номинираат министри во МВР и Министерството за труд и социјална политика, но нема да ја гласаат таа влада. И сега се поставува прашањето, ако номинирате сопствени министри во таа влада и таа влада има само една единствена цел, а тоа е организирање и спроведување на редовните парламентрани избори, тогаш зошто нема да ја гласате? Логично е, и ако јас сум денеска пратеник во Собранието, јас би имала сомнеж дали треба да ја гласам владата во којашто некоја политичка партија номинира министри, но нема да ги поддржи“, вели министерката за одбрана во интервјтуо за „360 степени“.

Парламентарните избори се закажани за 8 мај – истиот ден кога ќе се одржи втор круг од претседателските избори. Првиот круг од трката за шеф на државата е на 24 април.

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот