Утрински Весник
Македонија

Петровска на одбележувањето на денот на Дирекцијата за заштита и спасување: Вие сте дел од системот кој обезбедува сигурност за граѓаните

Петровска на одбележувањето на денот на Дирекцијата за заштита и спасување: Вие сте дел од системот кој обезбедува сигурност за граѓаните

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во касарната „Гоце Делчев“ се обрати на свеченото одбележување на 18-годишнината од формирањето на Дирекцијата за заштита и спасување, за која порача дека е дел од системот чиј императив е ефикасна и економична цивилна заштита која гарантира сигурност за граѓаните.

dobivaj vesti na viber

„Вие ги градите оперативните капацитети за справување со заканите и опасностите кои произлегуваат од природните непогоди, но и другите видови несреќи и затоа вие сте составен дел од системот кој мора континуирано и да се развива, модернизира и опремува. Знам дека тоа се приоритети и на раководството на Дирекцијата за заштита и спасување “, рече Петровска.

За вработените во Дирекцијата кои секојдневно се на терен во поддршка и помош на граѓаните Петровска истакна дека тоа се вистински професионалци со долгогодишно искуство кое го пренесуваат и на следните генерации кои ја носат одговорноста за функционалноста на оваа значајна институција.

„Токму вашата професионалност и вештини можевме да ги видиме кога вие заедно со армиските и полициските припадници се боревте со огнените стихии кои ја зафатија нашата земја во 2021 година, но се борите со пожарите низ земјата речиси секоја година во летниот период, со големите поплави, со COVID пандемијата, а својата одлучност и посветеност ја покажавте и неодамна во Турција, кога несебично помагавте во спасување и извлекување на колку што е можно повеќе лица кои беа за жал затрупани под урнатините од разорните земјотреси кои ја зафатија оваа наша пријателска и сојузничка земја“, подвлече таа.

Се осврна и на работата на мултисекторскиот поткомитет кој е во фаза на финализирање на предлогот за реформа на системот за цивилна заштита со кој треба да се обезбеди уште поголема ефикасност на овој систем.

Петровска на вработените во Дирекцијата им порача дека одбраната и Армијата се секогаш подготвени да им помогнат и со искуство и знаење, и во процесот на обука и развојот на интероперабилноста која е исклучително важна и помеѓу домашните институции, зашто нас нè поврзуваат многу заеднички активности од кои најважното е заштитата, сигурноста и безбедноста на секој граѓанин.

„Остануваме подготвени секогаш да сме во ваша поддршка кога се борите за секој човечки живот, за секој дом, секое материјално и културно добро на нашата татковина“, заклучи Петровска.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор