Јасна беше пораката на претседателката Фон Дер Лајен за тоа што Република Македонија треба да направи за пристапувањето кон Европската Унија, порача на денешната прес-конференција Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
„Република Макеоднија има шанса да ги започне преговорите, да ги отвори поглавјата и да го забрза патот кон пристапување на Европската унија. Јас очекувам дека во извештајот и во она што комисијата ќе го презентира ќе биде дадена насока на она што е реалноста и покрај тоа што ќе следуваат изјави дека сите ние имаме заложба да направиме нешто. И навистина е важно да направиме важен исчекор во пристапувањето кон Европската Унија. И по посетата на претседателката на комисијата Фон дер Лајен, јасно беше што Македонија треба да направи во тој процес“, рече Петровска.
Пратеничката на СДСМ додаде и дека минаа првите 100 дена власт, но неспособноста на новата Влада нема крај.
„Напротив, секој ден сме сведоци на скандали, потреси и лаги. Државата никогаш не им била важна, само власта“, посочи Петровска.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски претходно посочи дека има јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно побргу.
„Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени, кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи, и со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките што постојат,“ рече таа.
Го увери премиерот дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за ЕК во следните пет години.