Утрински Весник
Македонија

Петровска: АНБ лажат, законот јасно кажува дека тие ги декласифицираат документите

Petrovska.jpg

Секој еден од нас кога е избран на било која јавна функција, презема одговорност да го застапува интересот на државата и граѓаните. Сите ние, без оглед на тоа дали сме дел од опозицијата или власта имаме одговорност и должност да поставуваме прашања, но и да даваме одговори, точни и прецизни, се вели во соопштението од СДСМ во кое се пренесува ставот на Славјанка Петровска.

-Во никој случај, и за ничии интереси, а најмалку за лични и тесно партиски, на граѓаните не смее да им се соопштуваат нецелосни, конфузни и недоречени информации. Тоа е неодговорност. И токму затоа пратеничката група на СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност, што власта сака да го претстави како наводен скандал. Докази нема, детали нема, само штуро соопштение и бледи изјави кои упатуваат на скриените мотиви на власта, а тоа е овој случај да го злоупотребат и да го претворат во манипулација.


Декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата. Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори, криејќи се зад класифицираните документи. А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицирани информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член Член 14. Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот.

Но, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој стои:Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка. Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта, за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолговлекувања.

Втор чекор кон вистината е итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ. Пратениците кои сме членови на Комисијата мора да спроведеме надзор во работата на АНБ и да извршиме увид во документацијата која ќе биде декласифицирана, за да може потоа да ја известиме јавноста за наодите и сознанијата од надзорот. Со декласификацијата се надминува и пречката за свикување на седницата, а тоа е заради немање на безбедносен сертификат на претседателот.Со ваков прагматичен пристап многу брзо ќе се одговорат сите прашања и ќе се растера маглата која ДПМНЕ ја пушта, надевајќи се дека на овој начин да се заборават досегашните скандали и ова ќе им биде изговор за спојувањето на АНБ и АР.

Досегашниот однос на власта во институциите од безбедносно-разузнавачкиот сектор докажува дека оваа власт нема капацитет за ваков сериозен чекор, каков што е спојувањето, затоа што овој чекор не е механичка операција, туку сеопфатна и сложена интелектуална реформа, која доколку не се спроведе согласно државните интереси и околности ќе предизвика несогледливи последици за државата. АНБ е столб на националната безбедност. Таа е клучна институција за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина окупација и злоупотреба, бидејќи тоа е ризик и закана за безбедноста на земјата и рушење на столбовите на државноста, порача екс министерката за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска.

Можете да прочитате

МОН: Испораката на учебниците завршува деновиве, електронскиот дневник функционира без проблеми

Доставени осум случаи до Интерната комисија, побаран надзор и од Лекарската комора, истакна Алиу

Грчките спасувачи трагаа по Македонка во морските води, капачката била пронајдена жива и здрава на копно