
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека тврдењата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Владимир Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз се погрешни, а тврдењата дека рускиот претседател планира да нападне земја членка на НАТО се „целосна глупост“.
– Тоа не одговара на реалноста – рече Песков коментирајќи ја изјавата на Мерц, кој милитаризацијата на земјите од НАТО ја објасни со тоа што рускиот претседател, според него, „сонува да го обнови Советскиот Сојуз“.
– Владимир Путин не сака да го обнови Советскиот Сојуз, бидејќи тоа е невозможно. И тој самиот многупати зборувал за тоа. А да се зборува за тоа е непочитување кон нашите партнери, кон нашите сојузници од Заедницата на независни држави (ЗНД), кон понапредните форми на интеграција. Очигледно господинот Мерц не знае за тоа – нагласи портпаролот на Кремљ.
– Што се однесува до подготовката за напад врз НАТО – тоа е целосна глупост. Повторно повикувам сите да го слушаат примарниот извор – нашиот претседател (Владимир) Путин – додаде тој.
Песков ги коментираше и преговорите за мир во Украина. На новинарско прашање дали имало каков било контакт меѓу Русија и САД по средбата на Путин со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Виткоф и зетот на Трамп Џеред Кушнер, Песков изјави дека Русија е во постојан контакт со претставниците на американската администрација, и оти Москва очекува резултати од дискусијата за мировниот план на Вашингтон со украинската страна.


