
Европејците прават сè што можат за да ја убедат Украина да продолжи со војната со Русија, а преговорите за мирно решение се во мирување бидејќи САД се фокусираат на други прашања, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„За жал, Европејците вложуваат сите свои напори во обидот да ги убедат Украинците да ја продолжат војната“, рече Песков во интервју за „Фајненшл тајмс“, објави РИА „Новости“.
Тој рече дека Русија е отворена за мирно решение во Украина.
„Динамиката на фронтот е позитивна за нас, напредуваме и се приближуваме кон остварување на нашите цели, но, како што рече (рускиот) претседател (Владимир) Путин, ние сме отворени за дипломатско решение“, рече Песков.
Според него, преговорите за Украина се ставени на чекање, а САД се фокусираат на други прашања.
„Имаше пауза. Американците имаат други приоритети“, рече Песков.
Тој додаде дека француски претставник неодамна ја посетил Русија како дел од дијалогот за Украина, но дека состанокот не дал позитивни резултати.
„Европејците не сакаат да помогнат во мировниот процес. Кога пристигна францускиот претставник, тој не донесе никакви позитивни сигнали. Затоа, самиот не слушна ништо позитивно“, заклучи Песков.


