Утрински Весник
Македонија

Пешевски до Мицкоски: Не сме партија, туку гладни работници

Img 7431.webp.webp

Претседателот на Синдикатот за градежништво – СГИП при Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, со остра порака реагира на изјавите на премиерот дека работничките протести се „политички мотивирани“.

„Кога работникот ќе го отвори фрижидерот и ќе го најде празен – тоа е политика. Кога нема пари за лекови – и тоа е политика. Кога македонските работници земаат најниска плата во Европа – тоа е политика и тоа ваша политика“, порачува Пешевски.

Тој обвинува дека додека власта демонстрира ароганција и луксуз, работниците се соочуваат со егзистенцијална борба. „Вие стоите пред камерите во костум од 2.000 евра и со часовник кој вреди повеќе од годишната заработувачка на една текстилна работничка. Во исто време, луѓето бројат денови до исклучување на струјата“, наведува синдикалниот лидер.

Според Пешевски, премиерот нема право да ги етикетира работниците како политички инструменти, бидејќи, како што вели, „вистинската политичка мотивација е заштитата на интересите на газдите и профитите, на сметка на достоинството на трудот“.

„Ова не е борба за рушење на влада или за партиска агенда. Ова е борба затоа што ни го срушивте достоинството“, истакнува Пешевски, додавајќи дека зад протестите стојат понижени работници, мајки и татковци кои секојдневно бираат меѓу храна и лекови.

Тој апелира премиерот да „го тргне погледот од скапиот часовник и да ги погледне луѓето во очи“, потенцирајќи дека барањето за повисоки плати е најчистото и најчовечко право, а не партиска конструкција.

„Држава што го замолчува работникот, а си дозволува комфор и раскош како да нема криза, неизбежно ќе се соочи со гневот на народот. Ние не запираме и не се откажуваме“, порачува Пешевски.

На крајот, тој упатува јасна порака дека обидите за поделби и заплашувања нема да успеат. „Го бараме само она што ни следува – достоинствен приход за нашиот труд. Од тоа нема да се откажеме“, нагласува претседателот на СГИП.

Можете да прочитате

Зајкова: ВМРО-ДПМНЕ директно ги амнестира од одговорност криминалците инаку ќе гo прифатеше амандманот на ЛДП за Кривичниот Закон

Стопирана истрагата за шестмина полицајци за пожарот во „Пулс“

Андонов: Владата шири евроскептицизам – 24info.mk