
Независно кој ќе биде конечниот кандидат за градоначалник на Скопје, актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, најави дека ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе понуди изборна програма со целосни и системски решенија за најгорливите проблеми на главниот град.
Во своето гостување во емисијата Вин-Вин, Перински нагласи дека клучот за успешна локална самоуправа е во иницијативата, посветеноста и истрајноста на градоначалникот. Тој потсети дека во Македонија има општини што беспрекорно функционираат и немаат долгови, но и такви кои со години се блокирани и нефункционални, што според него е резултат на погрешни политики во минатото.
Министерот истакна и дека измените на Законот за локална самоуправа имаат за цел да овозможат референдумски отповик на градоначалник, бидејќи, како што нагласи, „никој не треба да има загарантиран четиригодишен мандат без можност за одговорност пред граѓаните“.
Дополнително, Перински потенцираше дека е неопходно воведување на поефикасна комунална редарска служба со поголеми ингеренции, која ќе може да превенира и санкционира неодговорно однесување.
Во однос на Скопје, Перински најави дека изборната програма на неговата партија ќе понуди конкретни решенија за загадувањето, јавниот транспорт, зелените површини, одлагањето на отпад и паркирањето, додавајќи дека градот има потреба од темелна трансформација, а не само од козметички промени.