Утрински Весник
Македонија

Пензионерите во април со зголемени пензии

Cream Brown Flowers Grand 1 October World Old Age Day Facebook Post.jpeg

Пензионерите со мартовската пензија, која ќе им биде исплатена во април, ќе го добијат вториот дел од линеарното покачување од 2.500 денари, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Со ова, вкупното зголемување од 5.000 денари ќе стане трајно, а според премиерот, тоа ќе придонесе за намалување на разликата меѓу најсиромашните и најбогатите.

„Со ова покачување, ‘ЈВ индексот’ е доведен во некоја си нормала, бидејќи е намалена разликата меѓу екстремно сиромашното население и екстремно богатото“, изјави Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.


Притисок од меѓународните финансиски институции

Премиерот откри дека Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд побарале од Владата да ја зголеми старосната граница за пензионирање, но дека Владата успеала да ја зачува сегашната граница, со исклучок за оние што сакаат доброволно да работат до 67 години.

„Жестоко се боревме тоа да не се случи. Застанавме позади правата на граѓаните и работниците“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека меѓународните институции побарале и зголемување на ДДВ-то и воведување на прогресивен данок, но Владата одлучила да го задржи рамниот данок и да не ја зголемува даночната стапка.

Поддршка за компаниите и стабилизација на јавниот долг

Мицкоски потсети дека Владата успеа да обезбеди кредит од 250 милиони евра со каматна стапка од 1,95 проценти за поддршка на компаниите и најави дека ќе продолжи да бара финансиски средства ширум светот за дополнителна поддршка на економијата.

„Без силна економија нема пари во Буџетот, а без пари во Буџетот нема капитални инвестиции“, нагласи тој.

Говорејќи за јавниот долг, Мицкоски порача дека во јануари тој е за првпат намален и паднал под 60 проценти од БДП.

„Зедовме кредит од 500 милиони евра од Унгарија, а потоа дополнителни 500 за да ја вратиме еврообврзницата од 2018 година. Вративме 500 милиони долг од претходната влада. Ако сега излезевме на пазарот, немаше да добиеме под 6 до 6,5 проценти камата, а ме обвинуваа за 3,25 проценти“, објасни премиерот.

Во однос на унгарскиот кредит и неговата распределба преку домашните комерцијални банки, Мицкоски истакна дека Владата го следи процесот, но не се меша во внатрешните одлуки на банките.

Можете да прочитате

ДУИ: Четири години од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците

Во битолската болница 2.500 пациенти третирани на интервентна кардиологија

Левица предложи 18 месеци породилно отсуство