Утрински Весник
Македонија

Пензионерите протестираат пред Уставниот суд: Продолжете го линеарното покачување

Penzioneri .jpg

Денеска пред Уставниот суд во Скопје се собраа пензионери од целата држава, барајќи продолжување на линеарното покачување на пензиите.

Претседателот на иницијативниот одбор, Зоран Трајков, истакна дека главната причина за протестот е грижата за пензионерите со најмали пензии. „Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови. Не го збориме ова против власта, туку за обединета Македонија“, рече Трајков.

Тој најави дека протестите нема да бидат ограничени само на Уставниот суд, туку ќе продолжат и пред Канцеларијата на Европската Унија на 10 декември.

„За првпат се крева гласот на пензионерите. Досега зголемувањата беа процентуални, по 600-700 денари, што не е доволно. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија се зголеми од 1:4 на 1:7. Доста е пензионерите да бидат поделени“, нагласи Трајков.

Пензионерите посочија дека многумина се жртви на транзицијата, без платени придонеси, и дека е неправедно што некои ќе добијат покачување од 700-800 денари, а други по 3-4 илјади денари.

Минатата година и во март годинава пензионерите добија линеарно покачување од по 2.500 денари, а во септември на пензионерската картичка добија уште 1.000 денари. Следното линеарно усогласување е предвидено за март следната година, со износ од 1.000 денари.

Во саботата во Штип се одржа собир на пензионери од Штип, Свети Николе, Скопје и Куманово, од каде го најавија денешниот протест. Тие, покрај линеарното усогласување, бараат и зголемување на К-15, покачување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари, како и воведување пензионерска картичка.

Уставниот суд веќе поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кој се регулира линеарното зголемување на пензиите.

Можете да прочитате

Освен во ,,Димо Хаџи Димов, во други училишта не се пронајдени патогени бактерии

Почна метеоролошката зима, календарската доаѓа за дваесет дена

Во прекин железничкиот сообраќај – машинскиот извршен персонал во бојкот