Утрински Весник
Македонија

Пензионерите денеска ќе добијат зголемување од 2.500 денари

Img 4659.webp.webp

Пензионерите денеска ќе добијат пензија за септември со зголемен износ за 2.500 денари, а уште едно линеарно зголемување во износ од 2.500 денари треба да имаат со мартовската пензија. Линеарното покачување на пензиите, што е предизборно ветување на новата Влада, е првпат по неколку години. Досега пензиите се усогласуваа со растот на платите и трошоците на живот.

Собранието на 12 септември ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои се овозможи линеарно зголемување на пензиите. Законските измени беа донесени со 78 гласа „за“, по скратена постапка. 

За исплата на пензиите до крајот на годинава со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни пет милијарди денари. Од тој износ, 2,5 милијарди денари се средства кои се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување заради реализација на најавеното линеарно зголемување.

Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување,  во август годинава е исплатена пензија на 340 709 лица. Просечната пензија изнесува 21.217 денари.

Од вкупниот број пензионери,  24.894 примаат пензија со износ до 13.192 денари. Примањата на 118.306 пензионери се движат од 13.192 до 16.909 денари, на  81.081 од 16.910 до 22.500 денари, на 40.056 од 36.615 до 57.481 денар,  а 2.957 над 57.481 денар.

Вчера, премиерот Христијан Мицкоски во видео порака на социјалните мрежи истакна дека денес ќе се реализира ветувањето за зголемување на пензиите. 

– Ја користам  оваа прилика да ви честитам повисоки пензии што ќе почнат да се исплаќаат од утре. Тоа што го ветувавме во кампањата за повисоки пензии, за линеарно зголемување на пензиите, станува реалност. Од утре пензионерите во Македонија ќе имате поголеми пензии. Вие тоа го заслуживте макотрпно работејќи во вашиот животен век. Сега  е периодот кога треба да уживате. Оваа Влада останува 100 проценти посветена да испорачува тоа што беше наше ветување за време а предизборната кампања, вели Мицкоски во видеото објавено вчера на неговиот Фејсбук профил.

Фискалниот совет, пак, во анализа во јули годинава посочува дека ефектот од покачувањето на пензиите за трите месеци од 2024 година, би изнесувал 1,4 милијарди денари, дополнителни дотации од буџетот што треба да се обезбедат кон ФПИО, во однос на средствата предвидени со усвоениот Буџет за 2024 година. Со тоа учеството на дотациите во вкупните трансфери за задолжително пензиско осигурување благо би пораснало во однос на буџетот за 2024 година.

Доколку не дојде до нови прилагодувања на пензиите и долгорочното усогласување на
пензиите би се вршело врз основа на одредено правило, под претпоставка на ceteris
paribus, буџетскиот ефект од зголемувањето на пензиите би се исцрпил до март 2029
година и истиот кумулативно би изнесувал 25,8 милијарди МКД за периодот 2024
септември – 2029 март. Најголемите ефекти по буџетот би се реализирале во 2025 и 2026 година, кога буџетот ќе треба да обезбеди дополнителни дотации за ФПИО во износ од 9,5 милијарди МКД и 8,1 милијарди МКД, респективно. Со тоа, учеството на буџетските дотации во задолжителното финансирање на пензиите би достигнало 37,5 проценти. Тоа би ги ограничило расходните можности на Буџетот и развојните капацитети на буџетот и значително би го ограничил фискалниот простор за непредвидени буџетски интервенции во услови на енормни глобални ризици и неизвесности.

До крајот на 2029 година, под претпоставка на почитување на денешното
правило/системско решение, за прилагодување на пензиите, учеството на буџетските
дотации за задолжително пензиско осигурување би се свеле од 37,5 проценти во 2025
година на нешто под 30 проценти. Во спротивно (доколку не се опстои на политиките на
цврсти буџетски ограничувања), буџетските пензиски дотации долгорочно би останале
на неодржливо високо ниво што ќе ја доведе во прашање стабилноста на јавните
финансии и долгорочно би ја поткопало нивната развојна компонента, се вели во анализата на Фискалниот совет.

Можете да прочитате

За десет години, бројот на студенти намален за 7.000, секој петти сака да биде лекар

СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања

Кривична пријава за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта