Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Повеќе извештаи покажуваат дека жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество

Foto 5.jpeg

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Регионалната конференција за род и безбедност – Скопје 2024, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР. Во своето обраќање Пендаровски истакна: -Не случајно оваа конференција се одржува во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, бидејќи има за цел да ни помогне да се вратиме на автентичното разбирање на овој важен ден. А тоа е постигнување на вистинска родова еднаквост во секој сегмент од општеството, вклучително и во безбедносниот. Затоа и сме денес тука. Во фокусот на нашето минатогодишно претседавање со ОБСЕ беше унапредувањето на човековата безбедност, затоа и слоганот беше “За луѓето се работи”. Сосема разбирливо, најповикани за ова прашање се безбедносните служби, во прв ред, полицијата, која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на редот, почитувањето на човековите права и слободи, и чувањето на државната граница. Преку извршувањето на овие важни должности, полицијата го чува највредното што го има една држава, а тоа е довербата на македонските граѓани во сопствената држава и во нејзините институции. Меѓутоа, дали ние воопшто можеме да зборуваме за вистинска човекова безбедност без поголемо учество на жените во безбедносниот сектор? Дали една институција може реално да ги третира сите граѓани како еднакви пред законот доколку во нејзините редови постојат двојни стандарди на штета на жените? Конечно, дали полицијата може да придонесе кон борбата против дискриминацијата во државата ако истовремено ја толерира културата на дискриминација кон жените во своите редови? Повеќе истражувања и извештаи покажуваат дека жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените во полицијата, и тоа на сите нивоа и во сите сектори, центри, оддели и единици, само ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Затоа што на таков начин се засилуваат внатрешната кохезија и потенцијалот на безбедносните институции поуспешно да ги реализираат уставните и законските обврски. Искуствата од најразвиените држави покажуваат дека полициските службенички и припаднички на полициските единици можат многу успешно да разрешуваат ситуации што вклучуваат родово-базирано и семејно насилство каде што жртвите се жени и деца. Иако денешнава конференција е посветена на жените во полицијата која што, пак, е во надлежност на Владата, би сакал на кратко да го споделам и моето искуство во рамките на моите надлежности. Како врховен командант, за прв пат во нашата историја поставив жена за аѓутант. Како претседател настојувам да постои родов баланс како на пониските, така и на повисоките позиции во мојот кабинет. А сето тоа го правам бидејќи на тој начин сакам да придонесам за унапредувањето на родовата еднаквост во Северна Македонија. Добро е што не почнуваме од нула. Мисијата на ОБСЕ дава поддршка преку Програмата за родово менторирање за полицијата, што веќе почнува да дава резултати и да носи промени во институционалната култура на МВР. Но, оваа програма не треба да биде само еднократна активност, туку дел од стандардната институционална обука во Министерството. Неодамна бевме информирани дека во Единицата за службени кучиња при МВР беше промовирана првата жена-водач на службено куче кое е дресирано да открива огнено оружје и муниција. Ова е пример што треба да се следи во секој сегмент на безбедноста. Тоа подразбира не само да се зголеми бројката на жените во полицијата, туку и да се поддржи нивното кариерно напредување во секој сектор, во секоја единица. Клучен дел од европските реформи за кои толку многу зборуваме е борбата против стереотипите и предрасудите од минатото што ги ставаа жените во нерамноправна позиција во безбедносниот сектор. Ние мора да ги промениме тие навики кои се длабоко вкоренети во нашиот менталитет. Уверен сум дека оваа конференција ќе ни даде можност да ги размениме регионалните искуства, да ги споделиме научените лекции, да ја забрзаме имплементацијата на родовите политики во безбедноста, а, со тоа да придонесеме за изградба на поправедни и побезбедни општества.

Можете да прочитате

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Оштетен автомобил и покрив на куќа – Битолчани вознемирени од невремето кое ги зафати (ФОТО)