Утрински Весник
Македонија

Пекарниците попуштија: од утре ќе носат леб по 33 денари, но за штетите од 4,5 милиони евра ќе ја тужат државата

Пекарниците се заканија дека нема да носат леб на пазарот ако се замрзне цената на 33 денари

Пекарниците од утре ќе продолжат со производство и ќе носат леб на пазарот, но за штетите кои ќе им бидат нанесени поради замрзнатата цена ќе ја тужат државата. Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија вели дека ваква одлука донеле по консултации со домашни и странски експерти по одлуките на Владата со кои им беше укината субвенцијата за струја и цената на белиот и полубелиот леб беше замрзната на 33 денари.

dobivaj vesti na viber

„Пекарите се согласија со одлуката од утре да се започне со испорака на одредени видови на леб зависно од можностите на секоја пекарница за да може да се излезе во пресрет пред се на граѓаните, но и да се остане во периодов на погрешни одлуки кои ги носи Владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија. Индустријата ќе ги почитува мерките но ќе си ја бара штетата по правен основ“, рече Малишиќ.

Експертите утврдиле дека владините одлуки се неуставни и незаконски или донесени без утврдено прекршување на пазарот по Законот за трговија. Спротивно на одлуката, со записниците од инспекторатите Малишиќ вели дека се потврдува дека од 1 декември па се до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела.

„По овој основ пекарската индустрија здружено ќе почне правна постапка со цел наплата на штетата односно загубата која Владата и ја нанесе на индустријата со донесените одлуки. Штетата до 31 мај, до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цените на белиот и полубелиот леб, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита и опстанок на индустријата ќе продолжи на правна основа“, најави Малишиќ.

За тужбата веќе ангажирале адвокати и најавуваат дека ќе ја поднесат следната недела.

Ставот на групацијата е дека пекарската индустрија е жртва на безумието и популистичките олуки на Владата се носат на штета на индустријата. Малишиќ предупреди дека сегашната одлука за лебот не смее да се дозволи да помине оти ако помине истото ќе се случи и со остатокот од прехранбената индустрија, посебно по најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека се подготвува замрзнување на цените и други основни прехранбени производи.

Можете да прочитате

Стејт департмент: Нема значителни промени во состојбата со човековите права

Тече рокот за евидентирање на службените возила во Регистарот на ДКСК пред локалните избори

Левица: Николоски заборави на истрагата за „Маркоски” – ДПМНЕ им доделува милионски тендери