Карлос Алкараз закажа дуел со Јаник Синер во полуфиналето на Мастерсот во Индијан Велс. Двајцата лесно ги минаа ривалите во четвртфиналето, Александар Зверев односно Јиржи Лехечка.
Алкараз го декласира Зверев со 6.3, 6:1 и му се реваншираше за елиминацијата на Австралија опен.
Мечот започна неизвесно, двајцата тенисери добија по еден гем, а потоа се случи нешто невидено на тениските и спортските терени.
Огромен рој пчели буквално го нападна Стадионот 1, камерата „пајак“ што го покрива теренот ја претворија во своја „кошница“ и ги принуди тенисерите да се повлечат.
Главниот судија Мухамед Лајани го прекина мечот, а прекинот траеше речиси два часа.
Дури откако локалниот „убиец на пчели“ Ленс Дејвис ги собра пчелите со правосмукалка и ги растера од стадионот, тенисерите се вратија и го продолжија мечот.
Остатокот од мечот мина во апсолутна доминација на Алкараз, кој ја демонстрираше својата моќ.
Шпанецот го одигра најдобриот меч сезонава и го совлада Зверев за 90 минути активна игра.
Доминатен во своето четвртфинале беше и Јаник Синер. Италијанецот за 88 минути го победи Лехечка со 2:0 (6:3, 6:2).
Синер победи во првите 16 меча во 2024 година и е најмладиот тенисер во историјата кој успеал да го направи тоа со само 22 години. Претходниот најмлад беше Новак Ѓоковиќ во легендарната кампања во 2011 година.