
Американскиот претседател Доналд Трамп го прослави преименувањето на улица недалеку од неговиот приватен клуб во Палм Бич, Флорида, најновото дополнување на растечкиот број згради, програми и иницијативи што го носат неговото име.
Законодавците на Флорида одобрија давање на почесно ново име на дел од Јужниот булевар, патот што го поврзува меѓународниот аеродром Палм Бич со Мар-а-Лаго, приватниот клуб и резиденција на Трамп. Патот често го користи заштитената поворка на претседателот кога патува помеѓу аеродромот и имотот. Трамп рече дека е „исклучително почестен“ од признанието. „Ќе го паметам овој неверојатен гест до крајот на мојот живот“, рече тој на церемонијата по повод преименување на делот од патот кај Мар-а-Лаго.
Откако ја презеде претседателската функција пред една година, името на Трамп сè повеќе се поврзува со имињата на важни згради во Вашингтон, предложено е ново име за нова класа воени бродови на морнарицата, иницијатива за визи за богати странски државјани, владина веб-страница за лекови на рецепт и федерални штедни сметки за деца.
Обично ваквите почести се доделуваат многу подоцна.
Во Вашингтон има многу згради и споменици именувани по претседатели, но ваквите почести обично се доделувале долго откако тие ќе ја напуштат функцијата и обично биле национални почести, најчесто одобрени од Конгресот.
Да потсетиме дека вчера, лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, на состанок во Белата куќа му го врачи на Трамп нејзиниот медал за Нобелова награда за мир, кој го доби за 2025 година. Белата куќа објави дека има намера да го задржи медалот, иако норвешкиот Нобелов комитет јасно изјави дека наградата не може да се пренесе на друго лице, да се подели или да се одземе.
Некои историчари го гледаат овој потег како површен обид на претседателот да го зацементира своето наследство, што на крајот би можело да се покаже како краткотрајно. Гласовите против преименувањето на престижниот Центар за сценски уметности „Џ.Ф. Кенеди“ во Вашингтон во Меморијален центар „Доналд Џ. Трамп и Џон Ф. Кенеди“ исто така стануваат сè почести, што ги натера неколку изведувачи да откажат закажани концерти, претстави и изведби во знак на протест.


