
Изградбата на новиот парк „Радост“, лоциран во Реонскиот центар на Општина Аеродром, влегува во својата завршна фаза. Според општинските власти, доколку временските услови дозволат, градежните и уредувачки активности ќе бидат финализирани до средината на мај, кога паркот ќе го добие својот целосен изглед.
Паркот се простира на површина од околу 6.000 квадратни метри и ќе понуди современи содржини за граѓаните. Веќе е поставен систем за улично осветлување со нови канделабри, во тек е изградбата на пешачки патеки, а се врши и хортикултурно уредување со зелени површини. По нивното завршување, ќе следува поставување на урбана опрема – модерни клупи и канти за отпадоци.
Денеска, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со претставници на Советот и општинската администрација, направи увид на терен во текот на изведбата. По тој повод, беа засадени и 62 високостеблести платани – донација од Европската Унија во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.
Овој проект продолжи и вчера во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“, каде што беа засадени дополнителни 30 садници. Учениците беа едуцирани за значењето на урбаното зеленило од страна на Првиот скопски извиднички одред, кој преку практични примери им го приближи влијанието на зелените површини врз квалитетот на воздухот.
Општина Аеродром останува посветена на создавање и обновување на зелени површини, со цел обезбедување пријатни урбани оази за своите жители – места за одмор, дружење и рекреација, особено значајни во текот на летните месеци.