Утрински Весник
Македонија

Папранику кој го пренесе Груби на Косово, на информативен разговор во ПС Карпош

Arsim Papraniku High Res.jpg

Меѓународна потерница со ликовите на Артан Груби и на Перпарим Бајрами, осомничени за проневери во службата во случајот „Државна лотарија“ осамна на сајтот на Министерството за внатрешни работи во делот на потраги и исчезнати лица. На ова претходеше притворот од 30 дена кој синоќа им го определи Кривичниот суд. Груби се наоѓа во Косово, а Бајрами не е познато, но подолго време не е во државава.

На информативен разговор во полициската станица во Карпош беше и почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику, кој со своето возило со дипломатските таблички го превезе Артан Груби до Косово, непосредно пред почетокот на полициската акција.


Кривична пријава од МВР заработи и екс премиерот Димитар Ковачевски, кој засега не е предмет на истрага на обвинителството. Во изјава за Телма вели дека располага само со информациите добиени од медиумите и дека досега не бил контактиран од институциите.

„Во текот на моето работење и како Премиер и како заменик министер за финансии секогаш сум се придржувал до законите и прописите. Се надевам дека институциите на професионален и непристрасен начин ќе ја водат целата постапка. Во текот на моето работење како Премиер на ниту еден начин немам учествувано во работењето на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост. Владата работи и одлучува како колективно тело“, порача поранешниот премиер, Димитар Ковачевски.

Според кривичната пријава. Ковачевски. по претходен договор со Бајрами. на 8 март 2022 година ја ставил на дневен ред на владина седница и ја усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“. Со ова му овозможил на друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил корист од, речиси, 140.000 евра.

Освен Ковачевски, предмет на истрага засега не е ниту генералниот секретар на Владата во тоа време Методија Димовски. Истрагата е против шест лица. Според обвинителството, останатите како соизвршители направиле штета од над осум милиони евра со набавката на видеолотариски терминали за електронски игри кои никогаш не биле ставени во употреба.

Првиот осомничен, Бајрами како генерален директор, предложил незаконска набавка, додека Груби, како вицепремиер, ја поддржал одлуката, и покрај тоа што знаеле дека Државната лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри.

Неофицијално, Груби при излез од државата користел албанска патна исправа. На останатите четворица осомничени во случајот „Лотарија“ им се одредени мерки и одземени пасошите и имаат обврска повремено да се јавуваат во суд.

Можете да прочитате

ВРЕДИ: Беџети уште еднаш ја демонстрира неспособноста на ДУИ да се дистанцира од своето криминално минато

Давкова ги додели признанијата „Македонски квалитет” за 2024 година

Мицкоски од Брисел: Нашето место е тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија