Утрински Весник
Свет

Пакистански воздушни напади врз Кабул и други авганистански провинции

20260224200240 big 730x400 22.webp.webp

Пакистанските воздухопловни сили во текот на ноќта ги нападнаа воените објекти во соседен Авганистан по офанзивата на авганистанските талибански сили, соопштија официјални лица рано утрово, при што беа погодени цели во Кабул и провинциите Кандахар и Пактија.

Портпаролот на талибанската влада, Забихула Муџахид, ги потврди нападите на X, велејќи дека нема извештаи за жртви од воздушните рации. Пакистан соопшти дека десетици талибански борци биле убиени во нападот.


Жител на Кабул изјави за ДПА дека се разбудил од звукот на експлозии и дека авиони летале над градот со часови. „Се разбудивме преплашени, мислејќи дека се случил земјотрес“, рече тој.

Претходно, Авганистан ги нападна пакистанските позиции по должината на спорната граница, убивајќи 55 пакистански војници и заземајќи пунктови во пограничниот регион, соопшти авганистанското Министерство на X. Исто така, беше соопштено дека осум авганистански борци биле убиени, а 11 други ранети, додека 13 цивили биле повредени.

Претседателот на Пакистан, Асиф Али Зардари, рече дека одговорот на вооружените сили бил сеопфатен и решителен и оти земјата нема да прави отстапки во однос на мирот и територијалниот интегритет.

Пакистанскиот министер за информирање, Атаула Тарар, изјави дека 133 авганистански талибански борци биле убиени во одмаздничките напади кои уништиле складишта за оружје, тенкови и воени инсталации.

Тврдењата на авганистанската и пакистанската страна не можеле да бидат независно проверени, нагласува ДПА.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика двете земји на деескалација и решавање на нивните разлики преку дипломатски средства, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик.

Тензиите ескалираа по пакистанските воздушни напади врз Кабул во октомври и последователните прекугранични судири.

Претходно овој месец, ОН во извештај наведоа дека најмалку 70 авганистански цивили биле убиени, а 478 повредени во последните три месеци од 2025 година во напади припишани на пакистанските сили.

Мировните преговори со посредство на Катар и Турција не успеаја да донесат трајно решение за конфликтот.

Минатиот викенд, во пакистански напади во Авганистан беа убиени 13 цивили и ранети седум други, соопшти Мисијата за помош на Обединетите нации во Авганистан. Муџахид ги опиша последователните талибански напади врз Пакистан како контраофанзива.

Исламабад го обвинува Кабул дека засолнува милитанти како Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП) и регионален огранок на екстремистичката група Исламска држава, обвинувања кои талибанците ги негираат.

ОН, исто така, во неодамна објавен забележаа дека владата во Кабул обезбедува поволна средина за разни терористички групи во земјата и го поддржува ТТП.

Земјите делат граница од приближно 2.400 километри, воспоставена во 1893 година. Рутата на де факто границата, позната како Дурандова линија, е спорна меѓу двете земји.

Можете да прочитате

Орбан: Украина и понатаму ги блокира испораките на нафта за Унгарија

Суд одби барање да се запре проектот на Трамп за сала за бал во Белата куќа

Заврши испитувањето на Хилари Клинтон во истрагата на Претставничкиот дом на САД за Епстин