Утрински Весник
Македонија

Пак врие во „Фени“, вработените стравуваат од нов стечај, синдикалците спремни за штрајкови, блокади и тужби

Пак врие во „Фени“, вработените стравуваат од нов стечај, синдикалците спремни за штрајкови, блокади и тужби

Во кавадаречката фабрика „Фени“ повторно врие како и пред шест години кога беше прогласен стечај, па потоа ја презеде швајцарскиот фонд ГСОЛ преку македонскиот претставник „Еуроникел“. Вработените стравуваат дека фабриката ќе биде затворена оти повеќе не се носи руда, ниту репроматеријали, нема производство и постојано кружат шпекулации дека се подготвува нов стечај.

dobivaj vesti na viber

Синдикатот на вработените во фабриката минатата недела побара итна средба со менаџментот и со претставници на ГСОЛ вознемирени од шпекулациите за стечај и револтирани од тоа што девет месеци земаат 70 отсто од платата, а цените и трошоците се зголемени 50 отсто.

„Ние и нашите семејства сме доведени до ниво на сиромаштија, да не можеме да си ги покриеме ни основните потреби. Страдаме девет месеци и нема да дозволиме ова да продолжи и понатаму. Бараме фабриката да продолжи да работи, нашите работни места да бидат обезбедени, веднаш да ни се зголеми платата, веднаш да ни се исплати последната рата за К 15 од 2022 година и бараме итна средба со менаџментот и со ГСОЛ за да ни се каже што се презема за исполнување на барањата. Нема да дозволиме повторно да бидеме измамени, излажани и нашите семејства да страдаат. Во спротивно подготвени сме на сите можни синдикални мерки, кои опфаќаат штрајкови, блокади, тужби и кривични пријави“, извести Синдикатот и соопштението го залепи во фабриката и го достави до менаџментот.

Вработените во фабриката велат дека вчера повторно ги кажале барањата, овој пат пред новиот директор, кој првпат се појавил пред нив. Тој доаѓа на местото на Герасим Кујунџиев, кој си замина од функцијата, а пред речиси половина година алармира дека поради прескапата струја, принудени биле да кратат трошоци, да ги пуштат вработените на платен принуден одмор и сите ресурси да ги насочат за опстанок на фабриката.

„Побараа десет дена да ги разгледаат барањата. Целиот состанок помина во тензична атмосфера. Си заминавме револтирано оти барањата првично ни беа оценети како нереални“, вели вработен во фабриката.

Претседателот на Синдикатот не одговори на повиците од „Макфакс“ по вчерашниот состанок со новиот директор, а од управата на „Еуроникел“ најавија детаљно објаснување за состојбата во фабриката во следните денови.

Можете да прочитате

СДММ: Наместо реновирање, ВМРО-ДПМНЕ го остави студентскиот дом „Кузман Ј. Питу” под клуч

Муртезани: Ние сме најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел – членството во ЕУ

Левица поднесе Предлог-закон за заштита на името ВМРО