
Иван Данаилов (25), сведочејќи за трагичната вечер во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изјави дека уште како 16-годишник првпат влегол во објектот како малолетен, посочувајќи дека и тогаш, како и кобната ноќ на 16 март, во дискотеката имало малолетни лица.
Тој наведе дека во дискотеката пристигнал околу 00:50 часот, сам, по покана за роденден. Билет купил на билетарата десно од скалите, од лице кое, според неговите зборови, редовно било задолжено за продажба на карти. За билетот, како што рече, никогаш не добил фискална сметка. На влезот имало обезбедување, но таа вечер од него не побарале лична карта, иако, како што посочи, во минатото имало случаи кога бил враќан поради малолетство.
Данаилов го опиша влезот во дискотеката како пристап преку скали, по кои следувала обична врата, краток ходник и таканаречена „каубојска“ врата што се отвора на двете страни. Наведе дека постоел и уште еден влез-излез, лоциран лево во аголот кај бината, но дека никогаш не видел некој да го користи.
Според неговото сведоштво, внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година – биле отстранети терасите над шанкот и била изменета бината. Кобната вечер тој се наоѓал во првиот ред, веднаш пред бината. Настапот на групата ДНК започнал околу 02 часот по полноќ, по ди-џеј сет, а просторот бил преполн, со маси поставени и во средината, што значително го отежнувало движењето.
Тој изјави дека не забележал присуство на полиција, но слушнал дека од бината било соопштено дека полицајци влегле во некаква акција, без прекин на забавата. Данаилов наведе дека и во минатото во дискотеката се користеле пиротехнички средства, најчесто за специјални пригоди.
Настапот бил прекинат кога од бината било соопштено дека настанал пожар. Во првите моменти, како што рече, не забележал противпожарни апарати, но при излегувањето се разминал со лице по име Михајло, кое влегувало со противпожарен апарат, при што, според негови сознанија, гаснењето започнало од бината.
„Немаше ознаки за евакуација. Настана паника, луѓето се удираа и паѓаа еден врз друг“, сведочеше Данаилов. Тој изјави дека паднал на скалите, каде нозете му биле приклештени од други лица, по што му помогнал припадник на обезбедувањето, Столе, кој го извлекол надвор.
По извлекувањето, Данаилов отишол до најблиската бензинска пумпа, купил вода и се вратил за да им помага на повредените. Подоцна, како што изјави, полицијата го обезбедила просторот кај хотел „Национал“ и го регулирала сообраќајот, без дозвола за повторен пристап до дискотеката.


