Утрински Весник
Македонија

Јован и Лилјана се годинешните младенци, кои ќе прават Галичка свадба

Thumbnail foto galicki mladozenci.jpg

Од 11 до 13 јули живописниот Галичник повторно ќе заживее со звукот на зурлите, тапаните и традицијата – ќе се одржи Галичката свадба, една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјата.

Овој уникатен настан, кој претставува живо сведоштво за македонската традиција, култура и обичаи, повторно ќе го привлече вниманието на домашните и на странските посетители, кои сакаат да ја доживеат автентичната свадбарска приказна од мијачкиот крај.


Годинешните младоженци, Јован Филипоски – потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животниот сон.

„Уште како дете сонував еден ден да бидам дел од Галичка свадба. Тоа се многу повеќе од свадбарски обичаи – тоа е љубов, идентитет и исконска гордост“, вели Јован.

„Чувството кога облекуваш автентична носија и чекориш на истите патеки по кои чекореле генерации пред тебе е неописливо. За нас, ова е завет и голема чест“, додава Лилјана.

Во текот на тридневната програма гостите ќе бидат сведоци на целосната свадбена церемонија, исполнета со традиционални обичаи, носии, песни и ора, кои Галичката свадба ја прават единствена на Балканот и пошироко.

Организатор на манифестацијата е месната заедница „Галичник“. Честитајќи им на годинешните галички младоженци, нејзиниот претседател Огнен Караѓозовски изјави: „Продолжуваме со посветеност да ја чуваме жива оваа ретка традиција. Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од Галичката свадба. Tоа за нас претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Благодарни сме им на институциите и на големиот број компании, чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата“.

Поддршката и партнерството на „Пивара Скопје“ со манифестацијата трае непрекинато од нејзините почетоци.

„Чест ни е што и оваа година сме дел од Галичката свадба – симбол на љубовта, заедништвото, автентичната традиција и културата. Повеќе од половина век ја делиме оваа приказна со генерации младоженци, нивните семејства и големиот број посетители на овој настан, со кои нè врзуваат исти вредности: почитување на културното наследство, меѓусебна поддршка и создавање искуства што зближуваат. На Јован и Лилјана им посакуваме многу здравје, среќа и бериќет – нека нивната љубов биде долготрајна како и нашето партнерство со Галичка свадба“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во „Пивара Скопје“.

И оваа година покровител на манифестацијата е Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка пристигна и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на Галичка свадба како национално културно богатство, кое заслужува институционална поддршка и меѓународна афирмација.

За време на одржување на манифестацијата организаторот најавува посебен сообраќаен режим во селото, а беше повторен и апелот за одговорно однесување, особено во поглед на пиењето алкохол и грижата за природата.

Програмата на Галичка свадба 2025 – традиција преточена во спектакл

Годинешната Галичка свадба ќе се одвива во три дена, исполнети со богата програма, која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај. Тридневната манифестација ќе почне в петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј-сет за помладите посетители.

В сабота, на 12 јули, почнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното фрлање пушка од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората што ги симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови невестата придружувана од свадбарите, со борини и факли в рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.

В недела, 13 јули, денот ќе почне со традиционалните обичаи – канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот и тргнување по невестата, во чии рамки е и прочуениот обичај гледање низ прстен. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видеоекран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана во живо и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние што немаат можност да бидат физички присутни на настанот.

И оваа година „Пивара Скопје“ е главен спонзор на Галичката свадба.

Можете да прочитате

Стефан Лазаров за скандалозниот предлог данок на Мицкоски: Со вакви услови за живот само ќе ги натерате младите кои не се во брак побрзо да си заминат од Македонија

Тошковски: Акцијата во која беа откриени шест килограми амфетамин е резултат на напорите на МВР во сузбивањето на трговијата со дрога

Метеж на Табановце и Богородица – се чека по 20-30 минути за влез и излез!