Утрински Весник
Магазин

Ова се најевтините туристички дестинации во светот за 2026 година

10e4761d b640 437b 93aa 04ad8cbaf7e2.jpg

Патниците на кои цената им е еден од најважните критериуми при изборот на одмор би можеле да се израдуваат на новата листа на најповолни светски дестинации за 2026 година. Станува збор за градови ширум светот кои нудат комбинација од автентична атмосфера и пријатен престој, со хотелско сместување кое во просек чини помалку од 150 евра по ноќевање.

Листата ја објави туристичката платформа „Експедија“ во извештајот „Поволни дестинации 2026“, а на врвот се наоѓа Салвадор во Бразил. Градот е познат по златните песочни плажи, шарените куќи и историското јадро исполнето со барокни цркви и уметнички музеи. Салвадор некогаш бил и првата престолнина на Бразил, а денес се смета за културно срце на афро-бразилската традиција.


На второто место се најде Гвадалахара во Мексико, значаен финансиски и културен центар, кој ќе биде и еден од градовите домаќини на Светското фудбалско првенство во 2026 година. Покрај неа, на листата се најде уште еден мексикански град – Мерида, позната по комбинацијата на мајанско и колонијално наследство.

Меѓу десетте најповолни дестинации се и големите јужноамерикански метрополи Богота во Колумбија и Сао Паоло во Бразил. На листата се и азиските туристички центри Бангкок, Куала Лумпур и Хо Ши Мин, кои се познати по живиот ноќен живот, богатата култура и пристапната улична храна.

Листата ја заокружуваат Едмонтон во Канада, познат како „фестивалски град“ поради бројните настани во текот на годината, како и Санто Доминго во Доминиканската Република – еден од најстарите градови на Карибите.

Најповолни туристички дестинации за 2026 година:

  1. Салвадор, Бразил
  2. Гвадалахара, Мексико
  3. Богота, Колумбија
  4. Мерида, Мексико
  5. Хо Ши Мин, Виетнам
  6. Сао Паоло, Бразил
  7. Бангкок, Тајланд
  8. Едмонтон, Канада
  9. Куала Лумпур, Малезија
  10. Санто Доминго, Доминиканска Република

Можете да прочитате

Според научниците видот на кафето може да го заштити нашето здравје

ВАРДАКС АД: Повторно започнува функционирањето на продуктоводот

ИДЕА ЛАБ освои две награди на BEAM – Best of Event Awards Macedonia