Утрински Весник
Македонија

ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија одбележува 80 години од озаконувањето на македонскиот правопис

Messenger creation cb41ba27 7f7a 44e2 a53e 3fa4ddc174f6.jpeg

ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија ги поканува сите љубители на македонскиот јазик, културата и историјата да присуствуваат на престојниот настан по повод одбележувањето на 80 години од законското официјализирање на македонскиот правопис.

Свеченоста ќе се одржи на 5 јуни 2025 година (четврток), во хотел „Аполонија“ – Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. Излагања ќе имаат проф. д-р Димитар Пандев и публицистот Мишо Китаноски, кои ќе дадат историски и лингвистички осврт на значењето на овој настан за македонскиот јазик и култура.


Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година, а усвоена на 5 мај 1945 година од Народната влада на федерална Македонија.

По ова, Правописот на македонскиот јазик е донесен на 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев.
Со решението, овој правопис бил прифатен како официјален правопис во Народна Република Македонија, по што бил отпечатен во Скопје во 1945 година како засебна книшка од 20 страни.

Ова е третиот и завршен настан поврзан со кодификацијата на македонскиот јазик, по Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава, а потоа и Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука.
Донесувањето на азбуката и правописот претставува значаен придонес во чинот на кодификацијата на македонскиот литературен јазик, со кој е стандардизирана јазичната норма во јазичната практика.

Значајниот јубилеј ќе се одбележи во Гевгелија, во рамки на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“.

Модератор на настанот е Стефчо Стефанов и истиот ќе биде музички збогатен со настап на Влатко Иљачев – Валдера.

Настанот ќе го отвори директорот на библиотеката, Стефан Марковски.

Можете да прочитате

Апел за помош за Лидија од Битола, 24 години борба, 6 години неподвижност

Мисајловски: Со зајакнување на економијата ќе можеме да издвојуваме повеќе и за одбраната

НП Шар Планина со нова мерка: Електрични огради за заштита од мечки и волци