Утрински Весник
Македонија

Отворени можности за земјите од Отворен Балкан на меѓународниот Саем за вино „Винитали“ во Верона

Отворени можности за земјите од Отворен Балкан на меѓународниот Саем за вино „Винитали“ во Верона

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска, во Бардолино, Италија, имаше трилатерална средба со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, по што одржаа заедничка прес-конференција, со фокус на иницијативата Отворен Балкан. Трите земји се претставија на заеднички штанд на Отворен Балкан на меѓународниот Саем за вино „Винитали“, кој од 2 до 5 април 2023 година се одржува во Верона, Италија.

dobivaj vesti na viber

„Докажано е дека Отворен Балкан дава резултати за луѓето и за бизнисите. Се докажа тоа што го повторуваме цело време, дека Отворен Балкан не е политичка иницијатива, напротив, тоа е економска иницијатива, базирана на четирите слободи, на коишто е базирана ЕУ, слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал. Се докажа дека пречките кои ги имавме на границите практично ги стопираа нашите луѓе и бизниси да работат заедно. Мојата изјава којашто ја дадов во Белград, ќе ја повторам уште еднаш – нема поголема глупост од границите на Балканот, бевме земји без граници, а сега сме единствените земји со граници во Европа“, нагласи премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата во Бардолино, Италија, додавајќи дека трговската размена меѓу земјите е зголемена, благодарејќи на иницијативата Отворен Балкан.

Премиерот Ковачевски се осврна и на значењето на заедничкиот настап на винариите од трите земји на меѓународниот вински саем „Винитали“.

„Овој вински фестивал е, исто така, важен за Северна Македонија затоа што ние сме втор најголем извозник на вино во регионот. По Грција, ние сме најголемиот извозник со 60 милиони евра годишно, извоз на вина. Денеска, 14 висококвалитетни винарии од Северна Македонија, ќе се претстават на истиот штанд со најдобрите винарии на Србија и Албанија“, рече премиерот Ковачевски.

Тој најави дека трите земји од иницијативата Отворен Балкан ќе ја продлабочат соработката преку основање на заеднички филмски фестивал, како и заеднички спортски игри за основните и средните училишта во Северна Македонија, Србија и Албанија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата, истакна:

„Направивме скоро сè во однос на условите во процесот на обезбедување на работни дозволи што ќе биде основа во соработката за сите нас. Ја зголемивме трговската размена со Северна Македонија и таа е зголемена за околу 50 отсто во последните три години“.

Тој смета дека најголемата пречка за сите на Балканот е што при транспортот, 70 отсто од времето се поминува на граничните премини, а времето на возење е 30 отсто и дека тоа треба да се надмине.

Премиерот на Албанија, Еди Рама потенцираше дека трговската размена минатата година меѓу земјите на Отворен Балкан е зголемена за 24,8 отсто, што е големо зголемување.

„Работиме на стратешки пристап во зацврстувањето на односите со ЕУ, зајакнување на соработката, во исто време, обезбедувајќи да има многу чист дијалог за тоа кој што работи. Како што кажавме претходно, кога станува збор за евроинтеграцискиот процес, кластерите и поглавјата, параграфите, речениците, запирките и двојните запирки, ние сме многу одлучни да го направиме тоа и нема да бараме подароци, нема да бараме тоа да се направи вештачки. Сакаме да бидеме многу добри во изработувањето на оваа домашна која ни е зададена“, рече премиерот на Албанија, Рама.

На заедничката средба на лидерите беше потенцирано дека летово можноста за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од трите земји станува реалност. Правото на пристап до пазарите на труд во трите држави ќе се стекнува многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање на Отворен Балкан идентификациски број.

Беше нагласено и олеснувањето и забрзувањето на протокот на стоки и подобрувањето на трговската размена меѓу трите земји со воведувањето на зелените ленти на граничните премини.

По прес-конференцијата, лидерите го посетија меѓународниот Саем на вино „Винитали“ во Верона, Италија, каде беа пречекани и се сретнаа и со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, како и со претседателот на регионот Венето, Лука Заја.

На заедничкиот настап на трите земји на саемот за вино „Винитали“ се гледа како огромна можност за промоција, вмрежување, привлекување на странски инвеститори и отворање нови пазари.

Република Северна Македонија на овогодинешниот Саем на вино во Верона учествува со над 60 видови од нашето најквалитетно македонско вино, со присуство на 14 македонски винарии и тројца врвни сомелиери.

Саемот претставува собир на домашните и меѓународните производители на вино од целиот свет кои сакаат да се претстават на една од најпрестижните светски саемски манифестации посветени на виното и негувањето на винската култура.

Можете да прочитате

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри

Александар Димитријевиќ нов генерален секретар на СДСМ, еве кои се потпретседатели