Новите лекови кои досега пациентите не можеа да ги добијат на товар на Фондот за здравствено осигурување иако уредно плаќаат за осигурувањето, веќе може да бидат ставени на позитивната листа на лекови. Фармацевтските компании можат да почнат со подготовка на документацијата, согласно новиот Правилник во Министерството за здравство за ставање лекови на позитивната листа. Министерот Фатмир Меџити денес рече дека ова е голем ден за лекарите и за пациентите оти се отвора можност за нова поиновативна и поефективна терапија.
„Формирана е стручната комисија која го утврдува предлогот на листата на лековите на товар на Фондот. Оваа комисија континуирано ќе работи на изменување и дополнување на позитивната листа на лекови и верувам дека, конечно, по долг период, ќе воспоставиме функционален систем со цел задоволување на потребите на пациентите со соодветни терапии. Комисијата е составена од експерти во оваа област, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот, Агенцијата за лекови, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија како и универзитетските клиники. Се надевам дека фармацевтските компании ја подготвуваат документацијата да одговараат на правилникот и ќе стигнат првите апликации“, рече денес министерот Меџити.
Претседателка на комисијата е проф. д-р Љубица Шутуркова која нагласи дека комисијата ќе се состанува двапати месечно, но доколку има потреба и повеќепати. Детални ги објасни критериумите по кои ќе предлагаат на Фондот за здравствено осигурување да стави нови лекови на позитивната листа, а конечната одлука ќе ја носат Фондот и Министерството за здравство.
„По 13 години повторно имаме можност да ја ревидираме листата и да имаме поголема достапност со ограничените македонски ресурси за здравство што ги имаме за иновативни лекови. Новиот Правилник за ставање лек на позитивната листа е усогласен со европските правилници што се со години во сила во Европската Унија. Нови критериуми врз основа на кои комисијата ќе ги бодува доставените барања се значење на лекот од аспект на јавно здравје, односно терапевтско значење на лекот, релативна терапевтска вредност на лекот, фармако-еконосмки аспекти што за првпат се воведува како новина, етички аспекти за употреба на лекот како и дополнителни податоци од референтни извори и научни сознанија и листи на лекови кои досега се наоѓаат или се покриваат од фондовите за здравствено осигурување во регионот“, рече претседателката на комисијата, Шутуркова
Министерот Меџити нема рок во кој целосно би се обновила позитивната листа на лекови. Рече дека тоа е процес кој спонтано ќе се случува, а фармацевтските компании веќе можат да доставуваат апликации.