Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го отвори Меѓународниот карате турнир „Фунакоши Опен“ што се одржува во Кисела Вода. Организатори се Карате федерацијата на Македонија и клубот „Фунакоши Гичин“ со поддршка од Општина Кисела Вода.
Како што информира општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски ја истакна честа што Кисела Вода е домаќин на ваква спортска манифестација на која има преку 500 натпреварувачи од цел свет и ја назначи важноста на спортот и спортските вештини за младите.
– Повторно денес Кисела Вода е центар на Европа! Ми беше чест да го отворам Меѓународниот карате турнир „Фунакоши Опен“, кој се одржува во Кисела Вода, а го организира Карате федерацијата на Македонија и клубот „Фунакоши Гичин“. Дека е квалитетен турнир, говори и фактот што денес нашата општина е домаќин на повеќе од 500 гости од десет различни држави кои ќе се натпреваруваат во оваа јапонска боречка вештина која што освен влијае на правилниот физички развој на младите, придонесува и за самоконтрола и практична воздржаност, нагласи градоначалникот на општина Кисела Вода.
Тој изрази задоволство што овој турнир, како што рече, привлече големо внимание, но и афирмација на македонскиот карате спорт, како и на нашата општина домаќин.
– Како градоначалник секогаш ќе го поддржувам спортот во Кисела Вода бидејќи е здрав начин на живот и силен промотор на нацијата, потенцира градоначалникот Ѓорѓиевски, посакувајќи им на сите натпреварувачи фер борба и успех.