Познатиот музеј на восочни дела во Лондон, „Мадам Тисо“, соопшти дека ја отстранил восочната фигура на Канје Вест од очите на јавноста.
Ова доаѓа откако раперот објави антисемитски коментари на својот твитер- профил. И гигантот за спортска облека „Адидас“ го прекина договорот со него.
Восочната фигура на Вест, кој формално го смени своето име во Је, сега е преместена во архивата.
Портпаролот на лондонскиот музеј рече дека музејот ја „слуша“ јавноста за „она што таа очекува да го види“.
Фигурината првично беше поставена во музејот во 2015 година заедно со восочниот дел на неговата тогашна сопруга Ким Кардашијан.
Одлуката на музејот уследи по бројните контроверзни настани и изјави во кои беше вклучен Вест (45), вклучително и кога носеше маица White Lives Matter („белите животи се важни“) на прикажувањето на неговата најнова колекција во рамки на модната недела во Париз.
Неколку дена подоцна, раперот објави антисемитски коментари на својот твитер-профил.