Преостануваат 16 денови во кои Апелација треба да донесе одлука за предметот „Титаник 2“, а за на обвинетиот Сашо Мијалков да не му застари делото. Предметот кој Кривичен суд предвреме го пратил до Апелација, па беше вратен назад и повторно пратен – сега е во Вишото јавно обвинителство. Таму, обвинител треба да даде мислење по однос на жалбите.
„Предметот денеска ни стигна од Апелација. Го дадеме на обвинител да го проучи предметот. Мислам дека утре или задутре, ќе има одлука од страна на Обвинителство“, вели Мустафа Хајрулахи за „Макфакс“.
Ако предметот биде вратен задутре со мислење, ќе останат уште 14 дена за закажување на јавна седница. По нејзиното одржување, ќе може да се донесе и одлука.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.