Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат Влатко Илиевски очекуваат државата веднаш да го промени Правилникот во Идризово, за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Ова доаѓа по одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација која утврди дека ексминистерката и затвореничките во ‘Идризово’ немаат исти права како затворениците, само бидејќи се жени. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата кои и следуваат.
„За нас ова e морална сатисфакција и потврда дека биле исправни нашите аргументи за дискриминација на Гордана по основ на пол. Очекуваме Гордана конечно да ги добие правата кои што и следуваат и кои одамна ќе ги имала доколку била машко. Очекуваме министерот/Владата итно да им ги овозмозжи на жените истите права што ги имаат и мажите. Тоа може да се направи веднаш со корекција на Правилникот во насока на тоа за жените со остаток на казна под 3 години да се применуваат истите критериуми како за мажи без оглед што физички се сместени во Идризово (затвор од затворен тип). Во перспектива, државата да постапи по препораката и за жените осуденички да овизможи просторно сместување во соодветни установи зависно од висината на казната. Ќе почекаме државата да постапи, ако не постапи ви разумен рок (веднаш) со оглед на карактерот на ограничувањата ќе продолжиме институционално да се бориме“, вели Илиевски за „Макфакс“.
Тој потсетува дека ова е вторпат да се утврди дискиминирачки однос врз Јанкулоска.
„Потребно е да се нагласи дека ова е второ позитивно мислење од Комисијата кое што се однесува на Гордана а е поврзано со предметот ’Тенк’. Првото мислење беше донесено во 2018 година каде што Комисијата утврди вознемирување од Кацарска кон Јанкулоска, ја депривилигирала и ја изложила на деградирачки однос по основ на пол и политичка припадност. Исто така, Комисијата утврдила вознемирување со повреда на достоинството на Јанкулоска, создавајќи понижувачка состојба. Единствено Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски ки се осудени по член 353 ст.5 (за предметот Тенк) иако не постои никаква штета, ниту проптивправна имотна корист“, додава Илиевски за „Макфакс“.
Потсетува дека домашните институции треба да се грижат за односот кон затворениците, а не тоа да го прават странците кои само ја оценуваат работата според извештаите кои ќе ги добијат.
„Инаку ова е класичен пример за индиферентноста на институциите кон човековите права, за нив е доволен аргумент дека со години било така и странците немале забелешки. На странците бап им е гајле, а осудените што се најранлива категорија немале ни знаење ни капацитет да го покренат прашањето и да си ги побараат правата“, посочува адвокатот Влатко Илиевски.
Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол. Со ваквиот пристап на затворот „Идризово“ и Управата за извршување санкции, таа губи десетици погодности кои ги имаат затворениците-мажи.