Утрински Весник
Свет

Остри зборови и жестоки критики од Белград по изборите во северно Косово

Остри зборови и жестоки критики од Белград по изборите во северно Косово

Вонредните локални избори што вчера се одржаа во четири општини со српско мнозинство на северот од Косово забележаа најмал одѕив досега во историјата на земјата од само 3,47 %, што предизвика остри зборови од српскиот претседател Александар Вучиќ и остри критики за ЕУ и САД од премиерката Ана Брнабиќ, пренесува „Еурактив“.

dobivaj vesti na viber

Од 45.000 косовски граѓани со право на глас во регионот, на вкупно 19 избирачки места што беа отворени во Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, гласаа само 1.567 луѓе. од кои само 13 Срби, покажуваат податоците од косовската Централната изборна комисија (ЦИК).

Прелиминарните резултати покажуваат дека владејачкото движење Ветевендосје ги освои општините Северна Митровица и Лепосавиќ, а Демократската партија на Косово ги освои Звечан и Зубин Поток.

Вучиќ беше гласен во осудата на изборите уште пред отворањето на избирачките места најавувајќи во саботата дека Србите ќе ги бојкотираат изборите и дека гласањето ќе резултира со целосна инвазија од албански политичари на северот од Косово.

„Нашиот народ утре мирно, одговорно и со презир ќе ги гледа оние што доаѓаат од Јужна Митровица да гласаат за избор на ново раководство во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Она што ќе се случи потоа ќе биде целосна инвазија за која граѓаните се веќе подготвени, тие се навикнати“, изјави Вучиќ за српскиот портал „Бета“.

Тој го критикува и ставот на ЕУ истакнувајќи дека не треба да се гласа пред формирањето на заедницата на српските општини, што е клучна точка на судир во тековниот дијалог меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ.

Премиерката Брнабиќ беше уште помалку одмерена во своите коментари нарекувајќи ги изборите шарада олеснета од Западот.

„Запомнете го овој ден. Ова е денот кога се легализира и легитимизира последното европско гето. Овие слики го прикажуваат во вистинско светло т.н. владеење на правото и вистинското значење на демократските избори на Косово и Метохија поддржани од ЕУ и Квинтата“, напиша Брнабиќ на „Твитер“ како реакција на изборите.

Таа додаде дека изборите не може да се сметаат за слободни и фер бидејќи се одржаа во привремени контејнери под директен надзор на косовските вооружените сили.

„Избори – слободни и фер, со вооружени сили и оклопни возила! Ова е Европа во 21 век. Гордејте се! Прославете ги вашите достигнувања денес. Уживајте во славата на она што сте го создале“, саркастично истакна Брнабиќ додавајќи дека изборите се дело на креаторите на Република Косово, кои ги нарече лицемери.

Пред гласањето во неделата, ЕУ го изрази своето разочарување од бојкотот на изборите од Српската листа, која има поддршка од официјален Белград, и порача дека Србите мора да се вратат во институциите во Косово.

„ЕУ, заедно со нашите партнери, се ангажира со двете страни да ги намали тензиите и косовските Срби да ја исполнат својата обврска од дијалогот и да се вратат во институциите, а Косово да овозможи ова враќање да се реализира. Досега е постигнат мал напредок во оваа точка. Императив е да се вратиме на ситуацијата во која косовските Срби активно учествуваат во локалната власт, полицијата и судството во северно Косово“, истакна портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

 

 

Можете да прочитате

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно

Голем руски напад врз украинските електрани, експлозии низ целата земја