Утрински Весник
Македонија

Осомничен дека влијаел врз судија – Фехми Стафа уапсен за мито од 50.000 евра

Img 3064.jpeg

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа синоќа беше лишен од слобода под сомнение дека примил мито од 50.000 евра за противзаконито влијание врз судија од Апелациониот суд Скопје.

Како што информираат од надлежните институции, полициски службеници по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) го уапсиле Ф.С. поради основано сомнение за сторено кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Според истрагата, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание, со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје. Целта, како што се наведува, била преку поткуп да се влијае да се изврши службено дејствие кое не смеело да биде извршено.

Првично, Ф.С. побарал сума од 100.000 евра за да влијае на укинување на мерка притвор определена за лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое ОЈОГОКК води посебна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври 2025 година, тој примил 30.000 евра како дел од договорениот износ, пари кои му ги предала сестрата на лицето во бегство.

На 13 декември 2025 година, осомничениот директно побарал и примил уште 20.000 евра, кои, според обвинителството, биле наменети како дел од поткупот за судијата. Веднаш по примањето на паричните средства, Ф.С. бил уапсен, а при претрес кај него биле пронајдени и одземени парите.

Истрагата за случајот продолжува, а надлежните најавуваат дополнителни процесни дејствија.

Можете да прочитате

Филипче: Во вторник ќе се обелодени новото раководство на СДСМ

Две лица уапсени на автопатот Табановце–Куманово: Запленета брендирана стока и алат без документација

УХМР: Максималната температура ќе биде над просекот