Утрински Весник
Македонија

Османи побара Транснистрија да ги почитува принципите и заложбите на ОБСЕ

Османи побара Транснистрија да ги почитува принципите и заложбите на ОБСЕ

Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи денеска се сретна со Вадим Красноселски, лидер на Транснистрија и нивниот главен политички преговарач Виталиј Игњатиев. Транснистрија е самопрогласена држава, на источната граница на Молдавија со Украина.

dobivaj vesti na viber

Во фокусот на дискусијата на овие средби беше иницијативата на ОБСЕ да се поттикнат посуштински преговори помеѓу Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија. Османи истакна дека за ОБСЕ од голема важност е што страните одбрале мирен пат да ги решаваат предизвиците, имајќи предвид дека врз сето тоа големо влијание има воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Претседавачот со Организацијата истакна дека посебно внимание ќе посвети на хуманата димензија на процесот и ќе даде поддршка пред сè на луѓето.

„Го ценам тоа што од самиот почеток на војната во Украина, во многу наврати повторивте дека Транснистрија е посветена на мирот. Овие ваши ставови се многу важни за стабилноста и мирот во регионот. Нашето претседавање останува посветено да им помогне на страните да најдат практични решенија за надминување на предизвиците и да спречат назадување на процесот. Верувам дека ќе опстоите на тоа за доброто на луѓето од двете страни“, посочи Османи на состанокот.

На средбата тој посочи и дека е од исклучителна важност да се интензивира интеракцијата со двајцата главни преговарачи и експертите од работните групи, осврнувајќи се на поддршката од Мисијата на ОБСЕ во Молдавија која има клучна улога во одржувањето на политичкиот дијалог воден од страна на ОБСЕ и напорите на специјалниот претставник за решавање на проблемот со Транснистрија, амбасадорот Томас Мајр-Хартинг.

Главна цел на Организацијата, како што посочи Османи за време на средбите, е двете страни да ја реализираат договорената рамка во 8 области. Тој нагласи дека иако процесот 5+2 е ставен во мирување, ова останува единствениот формален, меѓусебно договорен формат на преговори. „Ја поддржувам идејата да се најде пат за продолжување на формалните или неформалните разговори 5+2, за да се одржи процесот на вистинскиот пат“, рече Османи.

Претседавачот со Организацијата посочи дека ОБСЕ ќе ги искористи сите свои механизми и алатки како би се олесниле преговорите меѓу двете страни, истакнувајќи дека Специјалниот претставник за Транснистрија во координација со теренската Мисија на ОБСЕ во Молдавија ќе направат сè што е во нивна моќ за да изнајдат начини за придвижување на процесите напред.

„Двете страни мора да изградат доверба пред сè, бидејќи тоа е неопходно за да може да се оди кон решавање посложени прашања. Би сакал да ја истакнам важноста од почитување на човекови права во согласност со принципите и заложбите на ОБСЕ, бидејќи овие права ги претставуваат основните столбови на секое демократско општество“ истакна Османи.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!