Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, преку видеоврска, одржа редовен годишен тематски работен состанок со шефовите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство – амбасадорски совет.
Во своето воведно обраќање министерот Османи се осврна на клучните успеси на дипломатијата во 2022 – година, која ја одбележа руската инвазија врз Украина со сите импликации произлезени од неа од политички, безбедносни, економски карактер.
„Годинава беше година на силни потреси и предизвици во меѓународните односи, на глобално и на европско ниво, но и сериозно турбулентен период во рамките на нашиот регион. Северна Македонија како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ со почнати пристапни преговори избра конструктивен и поактивен пристап за справување со глобалните предизвици наметнувајќи се како активен и доверлив НАТО-сојузник, кредибилен партнер на Европската Унија со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика и стабилен меѓународен партнер, посветен на зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот“, рече Османи.
Суштествен дел од амбасадорскиот совет беше посветен на насоките на дипломатското дејствување за следната година во контекст на главните надворешнополитички приоритети на нашата држава.
„Од сите наши дипломатско-конзуларни претставништва во 2023 година очекуваме засилен, организиран и координиран ангажман во исполнување на зацртаните надворешнополитички цели и активности“, истакна Османи.
Пред амбасадорите и генералните конзули на Северна Македонија во странство се обрати и претседателот на државата, Стево Пендаровски, а ќе се обрати и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На амбасадорскиот совет се направи осврт на позначајните активности во 2022 година, а се проектираа и активностите и проектите за 2023 година.
Меѓу темите што доминираа на овој традиционален состанок на министерот за надворешни работи со шефовите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство беа: добрососедските односи и регионалната динамика, нашата ЕУ-агенда, продлабочувањето на билатералните односи со европските држави, активностите во доменот на економската дипломатија, односите со нашите стратешки партнери, стратешкиот дијалог со САД, сојузништвото во рамките на НАТО, како и претседавањето со САД – Јадранската повелба (А5), со процесот за соработка во Југоисточна Европа и ОБСЕ-претседавањето во нестабилниот геополитички контекст предизвикан од руската инвазија на Украина.