Утрински Весник
Македонија

Османи од Рим: Потребни се похрабри одлуки од ЕУ кон регионот веднаш

Османи од Рим: Потребни се похрабри одлуки од ЕУ кон регионот веднаш

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Рим учествуваше на министерскиот состанок за Западен Балкан на покана од страна на потпретседателот на владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани.

dobivaj vesti na viber

Во своето обраќање на првата сесија на министерскиот состанок, со наслов „Процесот на европската интеграција на Западен Балкан: патот напред“, Османи се осврна на неопходноста од поставување јасен и предвидлив пат за идните проширувања со државите од регионот потенцирајќи дека тоа е суштествен безбедносен интерес за Европската Унија. Истовремено, истакна дека покрај задржување на крајната цел за членство, потребни се конкретни придружни мерки за унапредување на демократскиот развој, зголемување на економските можности и заокружување на помирувањето во Западен Балкан.

„Променетите геостратешки околности бараат промена и приспособување на пристапот. Иако е точно дека неодамна има зголемен акцент на важноста на проширувањето, за што сме благодарни, сите се согласуваме дека тоа сè уште не е доволно. 20 години по самитот во Солун, на ЕУ итно ѝ е потребна среднорочна визија за нашиот регион внатре во рамките на Унијата“, истакна Османи.

На втората сесија „ЕУ – Западен Балкан: зајакнување на нашата соработка“, Османи ја нагласи потребата од намалување на јазот меѓу државите од регионот со државите членки на ЕУ во економска смисла.

„Ги цениме неодамнешните обиди на Италија да ја подигне свеста за социо-економските предизвици и потреби на регионот на Западен Балкан, како и напорите на Европската комисија во рамките на економско-инвестицискиот план и пакетот за енергетска поддршка на ЕУ за Западен Балкан. Она што ни треба во блиска иднина се похрабри одлуки кон регионот заради заемен интерес. Регионот оставен во економски пад и статус кво ризикува да стане ранлив дел за самата Унија во овие несигурни времиња на нарушена безбедносна архитектура на европскиот континент“, рече Османи.

Министерскиот состанок за Западен Балкан беше отворен од страна на потпретседателот на владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, а со свои излагања, покрај министерот Османи, се обратија и премиерот и актуелен министер за надворешни работи на Црна Гора и министрите за надворешни работи на Албанија, БиХ, Косово, Србија и Шведска во својство на претседавач со ЕУ.

Можете да прочитате

Петрушевски: СДС се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист