Историски момент за Алијансата и вистински пат за наша заедничка поголема безбедност и сигурност. Членството на Финска во НАТО е важен чекор што ќе го зајакне единството и одбранбените способности на Алијансата. Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи на средбата со финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто на маргините на Состанокот на министри за надворешни работи на НАТО во Брисел, на кој Финска и официјално стана 31-ва земја членка на Алијансата.
Османи упати честитка до Финска за нејзиното членство во НАТО, оценувајќи го како значаен влог за целокупната трансатлантска стабилност
„Северна Македонија три години ја уживаше привилегијата на статусот најмладата членка на НАТО. Сметам дека статусот на Финска на најмлада членка ќе трае многу пократко од нашиот. Очекувам да ѝ посакаме добредојде на Шведска во НАТО пред Самитот во Вилнус“, рече Османи.
Покрај НАТО, во фокус на средбата со Хависто беа и приоритетните прашања од работата на ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година.
На средбата беше истакнато дека во оваа многу критична геополитичка ситуација и во овие времиња на големи предизвици, ОБСЕ е, и треба да остане една од најзначајните меѓународни платформи за дијалог.
„Северна Македонија ја цени улогата и учеството на Финска во ОБСЕ Тројката, како и соработката која се остварува на сите нивоа за функционирањето на ОБСЕ“, истакна Османи на средбата.
За да се продлабочи соработката, потребно е повторно да воспоставиме целосно почитување на заеднички прифатените заложби и принципи од Хелсиншкиот финален акт и Париската повелба и тоа од секоја земја учесничка.
„Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ тоа го застапува во секоја прилика како детерминиран и потврден поддржувач на одржување на меѓународен поредок заснован на правила“, потенцираше Османи.
На маргините на Министерскиот состанок на НАТО, Османи оствари билатерални средби и со министрите за надворешни работи на Естонија и Романија, Урмас Реинсалу и Богдан Ауреску, како и со Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.