Утрински Весник
Скопје
300x250 opst2

Османи го промовираше „Граѓанско око“: Чаир ќе биде најтранспарентната општина во државата

4.jpg
Img 7972

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска на прес-конференција најави радикален пресврт во управувањето со општината, со јасна цел и конечно искоренување на корупцијата која, како што нагласи, „ја јаде општината, ги јаде парите на граѓаните и ги претвора нивните даноци во профити на поединци”.

„Корупцијата е трулиот корен на сите проблеми во Чаир. На 19 октомври тој корен ќе го сосечеме и ќе го уништиме. Еден денар нема да дозволам да се злоупотреби од парите на граѓаните. Тоа не е праведно, тоа не е чесно, тоа не е визија за иднината,” истакна Османи.


Во своето обраќање, тој го претстави планот „Граѓанско око” кој го оцени како најмоќниот механизам против корупција. Станува збор за сет од четири антикорупциски реформи кои, според него, ќе ја претворат Чаир во најтранспарентната општина во државата. Планот опфаќа јавно отворање на сите тендери со пренос во живо и достапни снимки на интернет, независен мониторинг преку експерти и невладини организации специјализирани за антикорупција, јавна каса преку која секој граѓанин со еден клик ќе може да ги следи приходите и расходите на општината во реално време и автоматска контрола со вештачка интелигенција која ќе го елиминира човечкиот фактор во злоупотребите.

„Чаир ќе биде првата општина во регионот која ќе воведе вакви европски практики. Доста беше со тајни договори и злоупотреби. Од 19 октомври, секој денар ќе оди за граѓаните,” порача Османи.

Кандидатот подвлече дека нема да ветува невозможни работи, туку едно, чесност и транспарентност. „Со мене како градоначалник, Чаир ќе стане општина на граѓаните, модерна, ефикасна и транспарентна. Ќе изградиме општина која ќе биде пример за целата држава. На 19 октомври, сите заедно ќе кажеме СТОП за корупцијата во Чаир,” изјави Османи, повикувајќи на мобилизација и поддршка од граѓаните.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски  најави пробивање на „Есенинова“ до „Шампионче“

Мециновиќ: Кампањата ја селиме на улица

Шукова: Вардариште ќе стане современа претоварна станица, а не дива депонија